Освојувачите на трофеите на 33. издание од Купот на ОФМ 2026 година, Вардар ЕМ во женска, односно Штип УГД во машка конкуренција добија и парична награда од Министерството за спорт.
Претставници на двата клуба, како и потпретседателот и членот на ИО на ОФМ, Кирил Калеников, денеска беа на прием кај министерот за спорт Борко Ристовски, кој за освоените титули и промоција на спортот и спортските вредности им додели и парични награди од еден милион денари за Штип УГД, односно 500.000 денари за Вардар ЕМ.
Претставникот на ИО на ОФМ, Кирил Калеников ја потенцираше добрата соработка со Министретсвото за спорт и заедничката заложба да се подигне популарноста на одбојката во Македонија.
“Направивме еден одличен Куп, тоа беше навистина настан на ниво, салата беше полна во сите три дена на завршниот турнир, направивме еден европски пренос. Наша работа како Федерација, во соработа и со поддршка од Министерството за спорт ќе биде континуирано да ја подигаме популарноста на одбојката.Со одредени активности, организација и реорганизација на некои идни натпревари, ќе се обидеме да допреме до што поголема публика. Тоа е целта бидејќи одбојката и спортот се игра за публиката – потенцираше Калеников.
Одбојкарките на Вардар ЕМ беа вистинска сензација во завршницата на Купот, каде премиерниот настап го крунисаа со пехар до кој стигнаа со максимална победа над Газели Волеј во полуфиналето, додека во финалето со 3:0 го совладаа бранителот на титулата, Наковски Волеј.
Штип УГД трета година во низа доминира кога станува збор за куп-натпреварувањето. На финалниот турнир во полуфиналето ја совладаа Струмица 47&72, додека во финалето го победија Борец.










