Голем, огромен триумф за тимот на Пелистер во рамките од новото 25. коло од ПМФЛ шампионатот.
Битолчани предмалку успеаа со 1:2 да обезбедат триумф кај шампионот Шкендија во Тетово, и на тој начин да освојат злато вредни три бода во обидот сезонава да опстанат во нашата најсилна фудбалска конкуренција.
Херојот на Пелистер денеска се вика Вилдан Керим кој што погоди во судиското продолжение од мечот.
Претходно Пелистер имаше водство во првиот дел, преку Стефан Спировски кој што погоди во 38. минута.
Сепак, гостинското водство траеше само неколку минути, затоа што Бесарт Ибраими израмни на асистенција на Зејнулаи на две минути до крајот на полувремето.
Во вториот дел, Шкендија стандардно имаше иницијатива, но не ги искористи своите шанси, напротив.
Пелистер беше тој што погоди кога беше најпотребно, за големо славје на битолчани и премиерен триумф на новиот тренер Мане Секуловски. Тој го презеде кормилото на Пелистер пред само десетина дена заменувајќи го Милан Стојановски.
Пелистер не погреши очигледно во ангажирањето на Секуловски оваа пролет, затоа што очигледно тој е човекот кој може во моментов Пелистер да го извади на прав пат.















