Струга ТЛ – Работнички 1:2 е исходот од попладневниот меч, последен од 25.коло во ПМФЛ. Уф, каква победа, каква златна победа за Работнички во битката за опстанок. Од друга страна стружани сами си ги “закопаа“ шансите во битката за титулата, сега се на -8 од лидерот Вардар.
Попзлатанов стрелаше за 0:1 во првиот дел, израмни Малески од пенал, за да младиот Мехмед во финишот на средбата му донесе златна победа на тимот на Работнички.
Домашните тргнаа со сите сили во напад уште од почетокот на мечот. Прв се закани Радески во 12.минута, но тоа бне беше доволно за водство. Една минута подоцна и Хамза од околу 18 метри шутираше опасно, но за малку покрај десната статива. И тогаш дојде таа 14.минута кога домашниот голман Ангелети киксираше по ударот од десно на Попзлатанов за водство на Работнички од 0:1. Што ли правеше Италијанецот на голот на стружани?
Следуваше уште поголема иницијатива на домашните, имаа и зицери како оние на Малески и стативата на Воша, па така на пауза се замина со водство на Работнички од 0:1.
Само што започна вториот дел, поточно во 49.минута, гостинскиот стопер играше со рака и тоа беше чист пенал. Одговорноста кај домашните ја презеде Малески и беше сигурен за 1:1, ова беше неговиот 12-ти гол сезонава.
По тој гол Струга ТЛ и натаму инсистираше на напад, но сега гостите имаа две убави шанси, во 64. и 67.минута повторно да дојдат во водство. Но Мухарем, интервенираше Фал, и Николовски немаа среќа да го совладаат Ангелети.
Струга ТЛ може да жали ако се знае каква шанса имаше Бојку во 78.минута, едноставно успеа да промаши празен гол, тоа беше и повеќе од зицер. И кога ќе се промаши таква шанса, следува казна. Се играше 85.минута кога младиот Мехмед, само што влезе, успеа да “стрела“ за 1:2, за ново водство на Работнички, за голема радост на гостите од Скопје.
Гол за победа. Шеста победа на последните седум меча за тимот на Муарем Муаерем.















