Работнички имаше четири победи во последните пет натпревари пред репрезентативната пауза, со што ги зголеми надежите за опстанок во елитата по очајниот есенски дел од шампионатот. Тимот на Муарем Муарем сега сака да продолжи во ист ритам и се надева дека може да стигне до нов успех на денешното гостување против Струга Трим Лум.
„Струга Трим Лум е еден од најдобрите тимови во лигата и ќе биде ова голем предизвик за нас. Но, подготвени сме. Во изминатите две седмици работевме напорно и сакаме да продолжиме со истиот ритам, затоа што ја пронајдовме формата што ја посакувавме за завршниот дел од првенството. Сѐ уште сме во незавидна позиција и мора да освојуваме бодови на секој натпревар. Се надевам дека ќе одиграме добро во Струга и дека на крајот ќе бидеме наградени за тоа“, изјави холандскиот интернационалец Џастин Крантове, дефанзивец на Работнички.
Натпреварот меѓу Струга Трим Лум и Работнички е последен од 25.коло во Првата фудбалска лига и закажан е од 15:30 часот на Градскиот стадион во Струга.















