ПЕТОРКА НА КОЛОТО – 22: Боувен и Симиќ го оставија Кожув во плеј-оф зоната

49

Последното коло од првата фаза од „МТЕЛ“ Супер лигата донесе неколку одлични индивидуални остварувања. А како највредни се оние на двоецот од екипата на Кожув од Гевгелија, Брајан Боувен и Теодор Симиќ, од причина што во натпреварот во кој имаа резултатски императив прикажаа најмногу.

БРАЈАН БОУВЕН (КОЖУВ)

Одигра одличен натпревар во кој неговата екипа беше под сериозно резултатско „морање“, односно да биде подобра од Пелистер и да се пласира во плеј-офот. Особено одлична беше последната четвртина на Кожув на овој меч, во кој како најдобар и најкорисен се издвои токму крилото на екипата од Гевгелија.

Одигра нецели 38.минути во кои реализираше 31.поен (1/2 за три, 10/12 во обидите за два поени и 8/9 од линијата за слободни фрлања).

Но освен тоа собра и 15 скока (пет во фазата на нападот), имаше и четири асистенции, три освоени и пет загубени топки, плус и една блокада за тоа време во игра кои во крајниот ефект му донесоа рекордни 45. индексни поени

АМАР ХОТ (МАЏАРИ)

Репрезентативното крило на Маџари одигра со максимален ангажман во дуелот со последнопласираната екипа на табелата. За 25.минути во игра, дојде до уште еден дабл-дабл ефект во оваа сезона. Реализираше 24.поени, со само еден нереализиран обид од оние десет упатени (вредни по два поени) а ги погоди и сите шест слободни фрлања. Освен тоа имаше и десет скока и две асистенции, то се заедно во крајниот збир изнесува 34 индекс поени.

МУХАМЕД ТАЧИ (ЧАИР 2030)

Остана на теренот во текот на сите 40.минути на средбата со МЗТ Скопје, во кој на крајот чаирчани стигнаа до голем триумф над првакот. Оствари двоен ефект, изразен со реализација на 18.поени (4/8 во шутот за три поени, 1/1 за два и 4/5 за еден поен). Но она што е посебно за издвојување се неговите 12.асистенции, дополнети со седум скока, три освоени и пет загубени топки, односно индекс 30.

ТЕОДОР СИМИЌ (КОЖУВ)

Втор важен „фактор“ во победата на Кожув во дуелот со Пелистер. Репрезентативниот центар на „црвено-белите“ беше многу блиску до дабл-дабл учинок на овој натпревар, исклучително важен за тимот од Гевгелија.

За 25:15 минути на теренот, постигна 22.поени (1/2 во обидите за три поени, 9/12 во оние кои вредат по два, и 1/1 од линијата за еден поен). Но имаше и осум скока, четири успешни додавања, и по една бокада и загубена топка, доволно за индекс 30.

АЛЕКСАНДАР РАДУКИЌ (МКК КУМАНОВО)

Неговиот одличен индивидуален ефект на крајот се покажа како недоволен за МКК Куманово да го победи Работнички во Скопје. Остануваат запишани 23.поени (2/5 за три, 8/13 за два и 1/2 за еден поен), девет скока, сезум асистенции, една блокада и една загубена топка за 37:33 минути во игра на гостински терен во салата „Лазар Лечиќ“.

Или 30 индексни поени со кои обезбеди место во идеалните пет на ова последно, 22. коло од регуларниот дел од сезоната во „МТЕЛ“ Супер лигата.

ПРВА ПЕТОРКА

Брајан Боувен (Кожув)

Амар Хот (Маџари)

Мухамед Тачи (Чаир 2030)

Теодор Симиќ (Кожув)

Александар Радукиќ (МКК Куманово)

ВТОРА ПЕТОРКА

Денг Ренг (Ангели)

Кевин Дејвис (Пелистер)

Ренато Димитриевски (Гостивар)

Дешон Парсонс (Тиквеш Голден Игл)

Тери Армстронг (Маџари)

*петорките се формирани според бројот на реализирани индексни поени

ПретходноПознат е распоредот во плеј-офот и битката за првото место
СледноТИМ И ИГРАЧ НА 25.КОЛО: Јовчевски фантастичен под Шара