Со дуелот Тиквеш – Силекс кој што денеска ќе се одигра во Кавадарци со почеток од 15:30 часот, продолжува новото 29. Коло од ПМФЛ шампионатот. Ова е дуел на две екипи кои што во пролетниот дел од сезоната имаат две спротивни резултатски серии.
Тиквеш одлично „вози“ со новиот тренер Борче Христов и има серија од пет меча без пораз од кои четири се победи. Вкупно во Кавадарци во девет кола од паузата наваму имаат забележано само два порази. Против Шкендија и токму против Силекс. На први март во Кавадарци погоди Мигуел Пиреш за 0:1, што беше и конечен резултат на тој дуел.
Од друга страна пак за Силекс има неколку мечеви кои што му се бележат со предзнакот „кикс“ пролетва. Поразите од Работнички, двете нерешени со Пелистер, како и она со Башкими на пример, одлеа неколку планирани бодови од контото на кратовци.
„Секако дека посакуваме продолжување на таа позитивна серија. Тиквеш според мене пролетва игра одличен фудбал, и така треба да продолжиме. Домашниот терен за нас секогаш е предност, навивачите секогаш за нас се „дванаесетти“ играч. Нема дилеми дека и денеска ќе дадеме 100% за да дојдеме до нови три бода и да ја направиме оваа полусезона уште поуспешна за Тиквеш“, вели Данаил Тасев.
Тимовски: Тиквеш е „домашна екипа“, но одиме во Кавадарци по трите бода
После малата резултатска криза, Силекс минатото коло на домашен терен лесно и убедливо го совлада тимот на Шкупи со 6:0. Но, денеска предизвикот за кратовци е далеку поголем. За кратовскиот тим следува гостување во Кавадарци на одличниот тим на Тиквеш.
Од таборот на Силекс очекуваат дека ќе продолжат со победите, и дека ќе врзат триумфална серија. Го ценат противникот и неговите резултати оваа пролет, но сакаат да се надигруваат против Тиквеш, и на крај да дојдат до трите бода, за да се зацврстат на четвртото место на табелата.















