Дуле Вујошевиќ ќе остане запаметен како човек, како тренер, како личност која не правеше никакви компромиси, кога станува збор за нешто што е вистина. Ќе остане запаметен како човек кој своите ставови јавно ги изнесуваше, не се “прилагодуваше“ кон никого. Пред се Дуле ќе остане во сеќавањата како еден од најдобрите тренери на овие простори.
Токму затоа неговата смрт денеска е вест бр.1 во кошаркарска Европа.
Сите познати “фаци“ се јавија по веста дека Дуле веќе го нема меѓу нас, а Евролигата со посебен статус се огласи по повод смртта на големиот Дуле:
“Евролигата се придружува на српската и глобалната кошаркарска заедница во жалоста за смртта на тренерската легенда Душко Вујошевиќ, кој почина на 67-годишна возраст. Вујошевиќ поголемиот дел од својата славна тренерска кариера – која траеше повеќе од пет децении – го посвети на Партизан Моцарт Бет Белград. Првпат се приклучи на клубот како помошник тренер во средината на 1980-тите, пред да го предводи Партизан до Финалната четворка на Европскиот куп во 1988 година како главен тренер. Во текот на четири одделни престои на чело, тој го водеше клубот до бројни успеси, вклучувајќи го и враќањето на Ф4 на Евролигата во 2010 година. Под водство на Вујошевиќ, Партизан освои 12 домашни првенства, титулата во Купот Кораќ во 1989 година и шест првенства во Јадранската лига.
„Европската и српската кошарка го загубија еден од своите најстраствени умови и посветени учители. Душко Вујошевиќ беше човек на кошарката, ментор и симбол на интегритет и посветеност на играта. Неговото влијание обликуваше генерации играчи и тренери, оставајќи неизбришлив белег во нашиот спорт. Во име на Евролигата, изразувам најдлабоко сочувство до неговото семејство, пријателите и сите што имаа привилегија да учат од него. Неговото наследство ќе живее на секој терен, секој тим и секој млад играч кој ја продолжува својата љубов кон кошарката“, изјави претседателот на Евролигата, Дејан Бодирога. Пред денешниот ден и натпреварите од 37-то коло ќе се оддаде почит со момент на молчење во чест на неговата спомен и извонредно наследство.










