„Вечното дерби“ на Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) носи со себе товар за двете страни, кои се во жестока борба за превласт со конкурентите, во случајот на Вардар за врвот на табелата, а кај Пелистер во дуелот за опстанок во лигата. Битолскиот клуб направи сензација со победата во Тетово против Шкендија, резултат кој дојде по неколку нерешени средби со тимовите од водечката четворка, а коцките конечно „ги сложи“ новиот тренер Марјан Секуловски.
„Задоволен сум од пристапот, борбеностa и тактичкатa дисциплина на претходниот натпревар во Тетово. Ги издржавме нападите и искористивме дел од шансите, а тоа беше клучно. Победивме, бодовите се најважни. Целокупниот ангажман даде резултат! Гледајќи напред кон натпреварот од 26. коло, тренерот на битолчани говори со респект за противникот, но потсетува дека секој има своја слаба страна.
Самата позиција на табела го покажува квалитетот на Вардар. Имаат голем фонд на играчи. Тие кои што играат се или со интернационално искуство или се интернационалци. Како и на секој натпревар, така и на овој, ќе се потрудиме да играме ангажирано и да ги неутрализирмае нивните индивидуални и колективни квалитети, а недостаци – секој има. Тие се нашата шанса. До крај на сезоната нема лесен натпревар за Пелистер,– порача Секуловски, повикувајќи ги играчите уште еднаш да изиграат борбено и дисциплинирано
Капитенот Мирко Ивановски исто така добро ја разбира тежината на дуелот со „црвено-црните“, но потсетува дека оваа сезона нивните победи не беа лесно изборени.
„Реално, нашите дуели се најголемото македонско дерби! Пелистер е цврста екипа, покажавме заби на многу тимови, но од Вардар загубивме со примен гол во финишот на прво полувреме од одбиена топка, како и со еден гол од контранапад што тешко може да се реплицира. Очекувам подеднакво тврд меч, екипата има самодоверба по триумфот над Шкендија која во моментов игра најдобар фудбал во ПМФЛ. Како и секој друг дерби натпревар, може да биде решен од една грешка, од изненадување, па затоа наше е да го дадеме максимумот, па со поддршка на публиката да се обидеме ние да бидеме тие што ќе се радуваат по истекот на 90 минути“ – изјави капитенот на домаќините вечерва.
Последната победа на „зелените“ над Вардар со 1:0 е остварена на домашен терен минатата сезона 2024/25. Натпреварот се игра денес, во вечерен теремин и под рефлектори, на новиот стадион „Петар Милошевски“ во Битола, со почеток во 20 часот.















