Мици: Струга Т.Л не се откажува, се уште имаме шанси за Европа!

54

Струга Трим Лум доживеа непријатен пораз од Работнички (1-2) во минатото коло и сега сака експресно да се врати во победнички ритам со триумф над Шкупи. Формално како гости, но стружани денеска (15:30 часот) ќе играат на својот стадион.

„Очекувањата, како и на секој натпревар, се трите бода. Ние како тим на секој меч покажавме дека, без разлика на противникот, играме на победа и така ќе пристапиме и на денешниот дуел против Шкупи, без оглед на ситуацијата и позицијата во која се наоѓа противникот“, изјави дефанзивецот Гледи Мици.

Стружани не се предаваат и веруваат дека до крајот на првенството можат да стигнат до втората позиција на табелата, која носи излез на европска сцена.

„Има уште многу бодови во игра, ние како Струга Трим Лум до крај ќе се бориме да го освоиме второто место. Шансите за Европа мислам дека се реални и верувам дека на крајот ќе ја оствариме целта“, истакна фудбалерот на Струга Трим Лум.

Иако Шкупи и математички веќе е дел од Втората фудбалска лига на Македонија – дури и пред одигрувањето на натпреварот од 26-тото коло во елитата – тоа не ги обесхрабрува младите фудбалери. Напротив, тие влегуваат во секој дуел со максимален ангажман за да го извлечат најдоброто од себе.

Ваков став сподели и младиот фудбалер Венис Кока, кој потврди дека тој и неговите соиграчи ќе го дадат својот максимум против фаворизираниот тим на Струга Трим Лум.

„Ќе се бориме за секоја топка и за секој момент од играта. Знаеме дека нè очекува тежок предизвик, но напорно работевме и веруваме во себе“, изјави меѓу другото Кока.

Шкупи сè уште ја чека својата прва победа оваа сезона, но историјата на дуелите со Струга Трим Лум е на страната на тимот од Чаир. Шкупи досега има 8 победи, додека екипата на Струга Трим Лум триумфирала на 7 дуели. Шест натпревари завршиле без победник.

Натпреварот помеѓу Струга Трим Лум и Шкупи ќе се одигра денеска на стадионот во Струга, со почеток во 15:30 часот.

ПретходноСимеоне: Резултатот е добар, но знаеме за што се е подготвена Барселона
СледноОткако во Битола им ја заверија титулата, Вардар 1961 ја промени агендата!