Мицковска: Ова првенство е инспирација за младите спортисти и гордост за државата

59

Нашиот главен град за прв пат ќе биде домаќин на Светско училишно првенство во ракомет кое ќе се одржи во период од 21 до 29 април во организација на Федерацијата за училишен спорт на Македонија, а под покровителство на Министерството за спорт.

На ова престижно натпреварување ќе учествуваат 23 машки и 16 женски екипи, се очекува да настапат околу 700 ракометарки и ракометари на возраст до 18 години од целиот свет, што пак претставува еден од најголемите училишни спортски настани организирани во Македонија.

Светското училишно првенство во ракомет е момент што ја става Македонија на светската спортска мапа.

Претседателката на Федерацијата на училишен спорт, Елена Мицковска нагласува дека добивањето на организација на еден ваков настан е голема чест, но и одговорност, но и можност за да испратиме порака дека како земја сме подготвени да одговориме на еден ваков предизвик.

„Организацијата на Светското училишно првенство за нас како Федерација на училишен спорт е огромна чест, но и уште поголема одговорност. Да се биде домаќин на Светско училишно првенство значи дека Македонија е препознаена како сериозен партнер на меѓународната спортска сцена, особено во  ракометот кој е и број еден спорт во Македонија .

Би сакала да упатам голема благодарност до Министерството за спорт и до министерот Борко Ристовски кој првенствено верува во училишниот спорт ,дава безрезервна поддршка и во организација на  овој училишен ракометен Мундијал. Верувам дека ова натпреварување ќе биде мотив и за сите млади спортисти да продолжат да работат, а ние сме тука да ги поддржиме и заеднички да градиме успешни спортски приказни“, вели Мицковска.

Покрај спортскиот аспект, првенството носи и пошироко значење, како за развојот на младите, така и за промоцијата на државата.

„Ова не е само натпреварување, туку можност да инспирираме нови генерации, но и да создадеме нова база на спортисти. Спортот има уникатна моќ – обединува и сплотува. Младите спортисти ќе видат што значи да се биде дел на голема спортска сцена која ќе биде дополнителен мотив за да го засакаат ракометот“, вели Мицковска.

Скопје во овој период ќе биде центар на младинскиот ракомет, а очекувањата се да се создаде вистинска спортска атмосфера.

„Очекуваме квалитетни натпревари, фер-плеј игра и пријателства кои ќе траат за цел живот. Сакаме сите учесници да си заминат од Македонија со најубави спомени“, додава Мицковска.

Мицкоска испрати силна порака до учесниците и јавноста:

„Ова првенство е повеќе од спорт, ова е можност да покажеме дека Македонија има срце, енергија и капацитет да биде домаќин на големи спортски приказни. Верувам дека ќе оставиме впечаток што долго ќе се памети. Ги повикувам сите вљубеници во спортот да дојдат на свеченото отварање на плоштадот Македонија кое ќе се одржи на 21 април и да ги поддржат младите спортисти, да им го дадат потребниот импулс и мотив. Само заедно обединети можеме да успееме“.

Натпреварите ќе се играа во шест спортски сали во Скопје: СРЦ „Македонско сонце”, СРЦ „Архиепископ Доситеј”, СРЦ „Кочо Рацин”, СРЦ „Крсте Мисирков” и СРЦ „Антон Димитров”, додека финалните натпревари, ќе се одиграат на 28 април во спортската сала “Расадник„ кога ќе се одржи и свеченото затворање на првенството.

Претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска, минатата година беше дел од Светското училишно првенство во одбојка во Кина и оттаму ги покани сите земји да бидат дел од ракометниот спектакл во Скопје.

ПретходноКосуке Јасухира е нов играч на ГРК Охрид за оваа сезона!
СледноАндов го објави списокот на фудбалерки за дуелите со Унгарија