Ерјона Јонузи: Сакам да покажам дека и од Македонија може да се стигне далеку

117
Фотографиите се приватна архива на Ерјона Јонузи

Сашо Кузмановски

Популарноста на женската одбојка во Македонија, никогаш не била доведена во прашање. Но, остварувањето на силни сениорски кариери, отсекогаш се појавувало како проблем. Во послендите неколку години со засилен агнажман и на Одбојкарската федерација на Македонија, женската одбојка засилено се пробива на европската карта. Со се позачестените репрезентативни ангажмани во сениорскиот тим, но и на помладите состави, македонските одбојкарки добиваат значителна видливост и во европски рамки.

Една од нашите најдобри одбојкарки, Ерјона Јонузи, веќе неколку години го пробива мразот за нашата женска одбојка во странство. Со успех настапува во шампионатот на Словачка во екипата на Нове Место, но од следната сезона веќе има понуда да го облече дресот и на словачкиот првак. Низ интересен разговор во „Женски Спортски Приказни“, Ерјона ни посочи како успеа да изгради интернационална кариера, но исто така посочи и дел од детектираните проблеми за вистински и рамномерен развој на нашата одбојка.

🏐Ерјона, ти си една од ретките македонски репрезентативки кои моментно имаат интернационална кариера. Какво е чувството?

„Искрено – гордост, но и голема одговорност. Не е лесно да доаѓаш од мала земја и да се докажуваш надвор, но токму тоа ме мотивира. Сакам да покажам дека и од Македонија може да се стигне далеку ако си доволно посветен и упорен“.

🏐Кои се најголемите разлики што ги забележа меѓу одбојката во Македонија и во Словачка (организација, услови, тренинзи)?

„Разликата е голема. Во Словачка сè е организирано на високо професионално ниво – од условите, до тренинзите и пристапот кон играчите. Кај нас има талент, но без услови и инвестиции, тешко е да се напредува. Таму системот те турка напред, кај нас најчесто мораш сам да се бориш“.

🏐Како изгледа еден твој типичен ден како професионален спортист во странство?

„Денот ми е целосно посветен на спортот. Утро – физичка подготовка, потоа тимски тренинг. Попладне следува анализа на натпревари или втора редовна тренинг-сесија. Дел од секојдневието се и рехабилитацијата, физиотерапијата и грижата за телото. Нема многу „слободно“ – сè е насочено кон перформанс“.

🏐Како би ја споредила позицијата на жените спортисти во Македонија со онаа во Словачка?

„Во Словачка жените спортисти се почитувани и имаат услови да живеат од спортот. Во Македонија – не баш. Има потенцијал, но нема доволно поддршка. Реалноста е дека многу девојки мораат да работат нешто друго покрај спортот, а тоа директно влијае на нивото“.

🏐Ако се вратиме назад, како започна твојата одбојкарска приказна и што те мотивираше да се насочиш кон професионална кариера?

„Започнав како дете, инспирирана од мојата постара сестра, и многу брзо сфатив дека ова не е само хоби, туку дел од мене. Ме водеше амбицијата да одам подалеку и да видам до каде можам да стигнам. Сакав повеќе – и сè уште сакам“.

🏐Дали сметаш дека жените во спортот кај нас добиваат доволно внимание и поддршка од јавноста и институциите?

„Не. И тоа е реалноста. Сè уште постојат големи разлики во однос на машкиот спорт и тоа јасно се чувствува. Ако нема инвестиции и внимание, не можеме да очекуваме врвни резултати. Едноставно е“.

 

🏐Со кои се предизвици се соочи досега низ кариерата (повреди, подобро место за напредок, подобра финансиска поддршка)?

„Се соочив со повреди и моменти кога патот не беше лесен. Најголем предизвик беа операциите на предните вкрстени лигаменти (ACL) на двете колена. Тоа се моменти кога мораш психички да бидеш многу силен. Но токму тие ситуации ме изградија како спортист и како личност. Научив дека или ќе станеш посилен – или ќе се откажеш. Јас секогаш избирам да се вратам уште посилна“.

🏐Колку е важно присуството на женски идоли во спортот за помладите генерации?

„Многу важно. Девојките треба да имаат некој пример пред себе и да веруваат дека и тие можат. Ако ние покажеме пат, ќе им биде многу полесно“.

🏐Кои се твоите лични цели во наредниот период – и клупски и репрезентативни?

„Моја цел е постојано да напредувам и да играм на уште повисоко ниво. Многу сум среќна што работата што ја вложив оваа година во Словачка беше препознаена и добив директен повик од шампионскиот тим. Тоа за мене е голем чекор напред и дополнителна мотивација. Верувам дека ќе бидам дел од шампионски тим и дека најдоброто допрва доаѓа“.

🏐Кога ќе се вратиш назад во Македонија, сметаш ли дека ќе бидеш многу позрела и како спортист и како жена по ова искуство во странство?

„Апсолутно. Животот и кариерата во странство те менуваат. Те прават посилен, поорганизиран и посвесен. Но искрено – сакам уште долго да играм на високо ниво надвор и да достигнам уште повеќе пред да се вратам“.

🏐Кои промени треба итно да се преземат за женскиот спорт во Македонија да биде на повисоко ниво?

„Инвестиции, систем и реална поддршка. Без тоа нема напредок. И да бидеме искрени – потребни се и повеќе финансии за жените спортисти, за спортот да им биде примарна професија“.

🏐Што би им порачала на младите девојки во Македонија кои сакаат да се занимаваат со одбојка или спорт воопшто?

„Работете, верувајте во себе и не слушајте што велат другите. Никој нема да ви даде ништо – мора сами да си го земете. Ако сакате успех, бидете подготвени да жртвувате. Нема краток пат“.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Фудбалската федерација на МакедонијаРакометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН, Гранд Ауто  и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноСрамно за главниот град: Во следната сезона во ПМФЛ ќе има само еден скопски клуб?!
СледноФФМ и официјално потврди: Македонија против БиХ на 29 мај во Сараево!