Елитниот фудбал нема многу простор за одмор, бидејќи веќе в сабота започнува 27-то коло од тековната сезона, кое носи два интересни дуела. Во еден од нив, екипата на Башкими, по две последователни ремија, бара позитивен резултат во Кратово против Силекс.
Оптимизмот пред овој натпревар го сподели и дефанзивецот Фисник Зука. Според него, кумановскиот тим традиционално игра добро во Кратово и верува дека таквата низа ќе продолжи и на претстојниот дуел. Иако признава дека натпреварот ќе биде тежок, тој предвидува позитивен исход за својот тим.
„Нè очекува многу тежок натпревар, но во вакви ситуации Башкими обично игра без притисок и секогаш излегува како победник. Се надевам дека од Кратово ќе се вратиме со три бода за да ги израдуваме нашите навивачи. Кратово отсекогаш ни носело среќа и очекувам истото да се повтори,“ изјави меѓу другото Зука.















