Најважниот меч за македонските ракометарки за пласман на ЕП

141
Фото: РФМ

Македонската женска ракометна репрезентација денеска (18 часот) во Велење го игра последниот квалификациски натпревар за пласман на Европското првенство. Противник на селекторот, Кристијан Грчевски и неговите избранички е Словенија. За домашниот тим мисијата ЕП е завршена, за Македонија овој меч е решавачки.

ЕХФ последното коло го закажа во ист термин, бидејќи и гол разлика ќе решава во комплетирање на списокот на конечните патници за континенталното натпреварување.

Македонија има шанса да влезе во друштво на четирите најдобро третопласирани репрезентации, во игра се бројни калкулации, но само едно сценарио ќе значи сигурен пласман на ЕП, а тоа е победа против Словенија. И пораз ги носи нашите девојки на ЕП, но тука се прашува и гол разликата…

Во нашиот табор желбата е голема, нашите ракометарки се подготвени да го одиграат најдоброто, бидејќи тоа е единствениот пат до европската виза.

„Мора да играме агресивно, да се бориме за секоја топка и да останеме фокусирани до самиот крај. Сè уште имаме шанса да се квалификуваме за Европското првенство, што го прави секој гол исклучително важен за нас. Верувам дека со срце, карактер и тимски дух, можеме да постигнеме резултат што ќе ни значи многу“, изјави Ивана Гакидова.

Заедно со ко-домаќините на финалниот турнир Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција, како и земјите кои освоија медал на ЕХФ ЕУРО 2024 Данска, Норвешка и Унгарија, 10 екипи веќе ги обезбедија своите места: Франција, Германија, Холандија, Шведска, Шпанија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Швајцарија и Фарските Острови.

Шестото коло ќе ги одреди преостанатите учеснички, со што ќе се комплетира составот за 17-то издание на женското ЕХФ ЕУРО од 3 до 20 декември 2026 година.

ПретходноШведската ѕвезда се огласи: Пик Сегед ми го раскина договорот без објаснување…
СледноНејмар: “Се чувствував како да сум умрел, како да го гледав сопствениот погреб!“