Серијата од бедни игри и очајни резултати во ФК Вардар АД доведоа до една очајна атмосфера кај „црвено-црните“, кои поради многуте филмови од научно-фантастичен карактер дојдоа до ситуација да се тресат за титулата иако во едно време имаа +8 пред Шкендија. Се таложеа проблеми и проблеми, но сето тоа се криеше и чуваше „под тепих“, за да кога предноста стигна на кристален еден бод дојде до експлозија на тензиите и вадење на „валканите игри“ во таборот на „црвено-црните“.
Вардар вчера без поддршката од „Комитите“ стигна до тенка и неубедлива победа над градскиот ривал Работнички. Скромни 1:0 од слободен удар со велемајсторски потег на Стефан Цветковиќ. Фудбалерот кој зимава можеби беше и единственото вистинско засилување за Вардар и тимот на тренерот Гоце Седлоски. Фудбалерот кој нема слика со Лионел Меси како некои од фалените аргентински засиливања, но тоа е левиот крилен шпиц кој на 10 средби оваа пролет постигна 5 голови. Статистика која може да ја сонуваат скапите и фалени Аргентинци (сите четворица заедно). Со последниот настап и гол Стефан Цветковиќ му докажа уште еднаш на Гоце Седлоски дека не е фудбалер за на клупа каде беше префрлен овој играч од неоправдани причини на сметка на некои други.
Можеби фудбалерот на Србија не исполнува други карактеристики, нема голема плата, нема договор на подолг период … или е погрешно скениран од „струката“ на Вардар, која работеше во периодот кога Седлоски беше со националниот тим. Можеби е и тоа од типот на лоша кондиција, не тренира како треба, „ножеви во грб и цинкарања“… но бројките се тие, а ефектот и квалитетот се гледа со голо око.
А тие што гледаат и што знаат што се случува ги нема на трибините, празен стадион и жална слика за гледање. Дури и најблиските, и на Вардар, и на Работнички не доаѓаат на стадион да ги гледаат на едно големо скопско дерби. Едвај 100 души. Повеќе играчи, стручни штабови и официјални лица доле на теренот отколку гледачи на трибините.















