Струга Т.Л сака да влезе во победничка серија, Тиквеш доаѓа со свои пресметки!

58

Струга Трим Лум се надева дека до крајот на првенството може да стигне до втората позиција, а тоа е можно само доколку влезе во нова победничка серија. По триумфот над Шкупи во минатото коло, стружани посакуваат нови три бода и од денешната пресметка против Тиквеш.

Младиот и талентиран Флоријан Рочи, кој беше еден од стрелците на последниот натпревар против Шкупи, вели дека тимот се наоѓа во добра форма.

„Ова е многу важен натпревар за нас, особено затоа што играме пред домашна публика. Верувам дека со максимална посветеност и нивна поддршка можеме да стигнеме до нова победа. Тимот се наоѓа во добра форма и мислам дека тоа ќе го покажеме на денешниот дуел со Тиквеш“, истакна Рочи, кој верува во себе и ветува уште поголем придонес за тимот секогаш кога ќе добие шанса.

„Секогаш се трудам да го дадам максимумот на секој натпревар на кој добивам шанса. Одлуката за минутажата е на тренерот, но јас ќе продолжам напорно да работам на тренинзите и да покажам дека заслужувам да бидам на теренот што е можно повеќе“, посочи младиот фудбалер.

Тиквеш патува во Струга по уште еден поволен резултат

Она што му се случи на тимот на Тиквеш на дуелот против Силекс на домашен терен во поразот од 0:3, повеќе не смее да се повтори. Кавадарчани премногу напредуваа на играчки и резултатски план пролетва, за да си го дозволат тој луксуз и да се вратат на старите навики од есеноска кога губеа бодови на секој чекор.

„Нормално дека боли тоа што се случи на дуелот против Силекс. Не толку поради самиот пораз, туку поради фактот што се случи во Кавадарци. Сепак, можеби и требаше да ни се случи еден таков момент за да не „отрезни“ и да се спуштиме на земја“, изјави капитенот Александар Вареловски.

ПретходноГвардиола: Да светеше сонцето во ноември, ќе бевме шампиони во јануари
Следно„Игравме лошо, но најважно е што одиме на Европското првенство“