Индира Кастратовиќ е шеф на делегацијата на Македонија на Светското училишно првенство во ракомет

198

Легендарната поранешна македонска репрезентативка и ракометна икона, Индира Кастратовиќ е назначена за шеф на делегацијата на Македонија за претстојното Светско училишно првенство во ракомет кое ќе се одржи во Скопје од 21 до 29 април. Македонија за првпат е домаќин на едно вакво големо натпреварување, кое е во организација на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, а под покровителство на Министерството за спорт.

Кастратовиќ која беше дел од славната генерација на Кометал Ѓорче Петров, а денеска е координатор на женските национални селекции вели дека е голема чест и задоволство што ќе биде шеф на делегацијата на Македонија.

 „Ми претставува голема чест и задоволство, но во исто време и пријатна обврска, да бидам шеф на делегацијата на наша земја на ваков голем спортски настан како што е Светско училишно првенство во ракомет, настан на кој учество ќе земаат околу 700 млади ракометарки и ракометарки на средношколска возраст“, вели Индира Кастратовиќ.

Љубовта кон спортот започнува токму во училишните клупи. Иконата на македонскиот ракомет и спорт токму во Основното училиште ја започнала нејзината ракометна приказна.

„Уште на рана школска возраст почнав да се занимавам со спорт во моето основно училиште  “Милош Шиљеговиќ” во Приједор каде сум родена. Мојот прв избор беше атлетика, со учество на крос-натпреварувања каде што го претставував моето училиште на локални и регионални натпревари. Потоа следеше „излет“ во тенискиот спорт на препораката на мојот професор по физичка култура. Во седмо одделение почнав да тренирам и играм ракомет во моето основно училиште. Ракометот од тие училишни денови прво стана моја љубов, а подоцна и моја професија“.

Светското училишно првенство во ракомет треба да биде поттик и инспирација за младите ракометари и ракометарки.

„Мундијалот има големо значење за нашите млади ракометарки и ракометари од повеќе аспекти. Учество на овој настан за млади луѓе треба да претставува голем поттик во развојот на нивните ракометни кариери, убава можност за стекнување на нови интернационални спортски искуства, како и можност за создавање на новите пријателства. Освен тоа, се надевам, овој светски шампионат треба да биде инспирација за новите млади генерации да го засакаат ракометниот спорт и да почнат се занимаваат со него“.

Кастратовиќ испрати порака порака до сите млади деца кои се уште се двоумат дали да започнат со спорт.

„Мојата порака за сите деца би била да изберат да тренираат било кој спорт, таму ќе прво ќе научат многу нешта поврзани за тој спорт, ќе научат како да бидат организирани, а понатаму ќе запознаат нови другарчиња со кои ќе се дружат на теренот и надвор од него“.

На Светското училишно првенство во ракомет ќе настапат македонските репрезентации во женска и машка конкуренција до 18 години.

Натпреварите ќе се играа во шест спортски сали во Скопје: СРЦ „Македонско сонце”, СРЦ „Архиепископ Доситеј”, СРЦ „Кочо Рацин”, СРЦ „Крсте Мисирков” и СРЦ „Антон Димитров”, додека финалните натпревари, ќе се одиграат на 28 април во спортската сала “Расадник„ кога ќе се одржи и свеченото затворање на првенството.

Свеченото отварање ќе се одржи на 21 април со почеток во 19:30 часот на плоштад Македонија.

ПретходноНеверојатно: Арсенал сака да го задржи Артета и ако тој не освои ниту еден трофеј сезонава!
СледноГвардиола: Да светеше сонцето во ноември, ќе бевме шампиони во јануари