Како и секој голем клуб, а Баерн Минхен е еден од најголемите во Европа, уште сега планира што ќе прави во летниот преоден рок. Па така како што објавија германските медиуми, клубот од Минхен има намера уште повеќе да го засили нападот. Иако Баерн веќе има голем број врвни офанзивни играчи и ја одбележува сезоната со голем број голови, со рекордот во Бундеслигата поставен во тој сегмент, клубот смета дека е потребно дополнително да се подигне квалитетот во завршницата на акциите. Затоа се свртеа кон пазарот и го пронајдоа едно од најпознатите имиња во Премиер лигата, Ентони Гордон.
Станува збор за 25-годишниот крилен напаѓач на Њукасл Јунајтед, кој има одлична сезона зад себе и кој особено блесна во Лигата на шампионите. Гордон е означен како идеална алтернатива за левата страна од нападот, каде што би се натпреварувал со Луис Диас, но и би донел дополнителна ширина бидејќи може да игра на неколку офанзивни позиции.
Интересно е што Баерн веќе ги направи првите конкретни потези.
Контактот со менаџерите на играчот е воспоставен, а самиот фудбалер е свесен за интересот на германскиот гигант, иако официјалните преговори меѓу клубовите сè уште не се започнати.
Гордон има импресивна европска кампања зад себе. Тој постигна дури 10 гола во Лигата на шампионите, привлекувајќи го вниманието на најголемите европски клубови.
Проценките велат дека Баерн би морал да издвои помеѓу 60 и 80 милиони евра за овој трансфер, што јасно покажува колку сериозно размислуваат за овој потег.










