ТФТ дојде до посакуваната победа и на вториот полуфинален натпревар против Сутјеска, откако на домашен терен славеше со 90-77 во меч кој траеше повеќе од два часа. Македонскиот тим испиша историја и ќе игра во финалето на АБА2-лига против Широки.
Дејвис со 23 поени и 9 скока беше прв стрелец, Ташовски имаше 19 поени и 8 скока, Гордон беше стрелец на 17 поени.
Избраниците на Боро Смилковски одиграа одлично прво полувреме во кое најголемата позитива изнесуваше 24 поени разлика (49-25). Пред одморот ТФТ го спушти ритамот, а противникот на стартот на третата четвртина намали на 50-36, а потоа дојде и на 60-51. Смилковски во меѓувреме повика тајм-аут. Кошаркарите на ТФТ полека го вратија препознатливиот ритам и третиот период го завршија со предност од 17 поени (72-55).
ТФТ не застана не му дозволи на противникот да приреди пресврт, иако противникот во последните две минути се обидуваше да создаде нестабилност. Тимот од Тафталиџе ја имаше поддршката од своите фанови и на крајот сосема заслужено славеше.
Првата финална средба ја игра на 29 април.










