Европската конвенција за минибаскет ќе се одржи во Македонија

31

Кошаркарската федерација на Македонија, во соработка со ФИБА, испланира и ќе одрганизира од 4 до 7 јуни во Скопје голем проект таканаречен Европска конвенција за минибаскет.

Ова ќе биде единаесетта по ред манифестација од ваков карактер, а истата е со активна поддршка од  ФИБА Европа и Фондацијата ФИБА.

Скопје ќе биде домаќин на голем број на кошаркарски тренери од Стариот континент, кои работат со играчи во оние најмали возрасни категории.

Главната цел на Конвенцијата, на која се очекува учество на доста голем број на млади и на талентирани кошаркари и кошаркарки, е да им обезбеди на тренерите и организатори од различни европски федерации – алатки за успешно воведување на кошарката кај децата, а воедно да ги едуцира за важноста на здравјето и навиките за благосостојба. А неговата структура комбинира теоретски и практични сесии што ги водат искусни тренери, т.н. „ментори“.

„Оваа конвенција претставува важен чекор во нашата визија за зајакнување на основата на кошаркарската пирамида преку инвестирање во возрасната категорија од 7 до 12 години, каде што прво се развиваат страста за играта, основита на кошарката, тимската работа и спортски вредности. Преку оваа иницијатива, имаме за цел да им обезбедиме значајна поддршка на тренерите, наставниците по физичко образование и сите засегнати страни кои работат директно со нашите најмлади играчи“ – вели првиот оперативец на федерацијата, Томче Стојчевски, поврзано со настанот кој следува на почетокот на јуни.

Како главен дел од неколкудневното дружење во нашиот главен град Стојчевски апострофира неколку работи:

„Клучен столб на конвенцијата ќе бидат специјализираните тренерски клиники и едукативните сесии, дизајнирани да ги оспособат оние кои ги обликуваат првите кошаркарски искуства на децата. Со подобрување на знаењето, методологијата и креативноста на тренерите кои работат во мини кошарката, директно инвестираме во идниот квалитет на нашите играчи и долгорочниот успех на нашиот национален кошаркарски екосистем“.

Практичниот дел од тренерскиот семинар ќе се одвива во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје, додека главниот настан – кошаркарскиот фестивал за сите учесници на конвенцијата ќе биде реализиран на Кејот на реката Вардар.

 

„Како круна на овој настан, последниот ден ќе бидеме сведоци на фестивал, на кој повеќе од 300 дечиња и 80 тренери ќе имаат можност да се дружат, да ги споделат и демонстрираат своите вештини.

Исто така, би сакале да ја изразиме нашата искрена благодарност до ФИБА за тоа што ни ја даде оваа можност и за препознавањето на нашата јасна посветеност на развојот на младите.

Нивната доверба и поддршка дополнително ја потврдуваат нашата заложба да посветиме поголемо внимание и ресурси на оваа клучна возрасна група, која останува срцето на идниот раст на кошарката“ – порачува генералниот секретар на кошаркарската федерација на Македонија, пред овој исклучително важен настан за кошаркарскиот спорт во нашата земја на кој ќе присуствуваат и водечките луѓе на европската кошаркарска федерација.

 

ПретходноТежок удар за Лејкерси: Не знаат кога ќе се врати Дончиќ
СледноДали новиот тренер ја откри тактиката на Вардар за следната сезона?