У16: Старт со победа над Северна Ирска

148

Репрезентацијата на Македонија до 16 години во првиот натпревар од развојниот турнир на УЕФА што се одржува во Струмица беше поуспешна од селекцијата на Северна Ирска.

Откако по 90 минути игра мрежите мируваа на двете страни, победникот се решаваше по подобро изведување на удари од единаесет метри. Клучниот пенал за победа во овој дуел го изведе Благојче Седлоски кој успеа да го совлада противничкиот чувар на мрежата.

Според правилата на развојните турнири победникот на пенали освојува два додека поразениот еден бод. Во текот на натпреварот гостите од Северна Ирска беа подобар противник, но не успеаа да реализираат неколку шанси за гол. Македонските надежи имаа две можности да стигнат до погодок, првата во 31. минута кога по додавањето на Матеја Масев, Адријан Велески го лобуваше гостинскиот голман, но топката заврши крај голот. Во 81. минута, Александар Полимац имаше шанса за победнички погодок, но не успеа да ја погоди противничката мрежа.

Во вториот натпревар, Македонија исто така во Струмица ќе се соочи со Узбекистан, а дуелот кој е на програмата в петок почнува во 15 часот и 30 минути.

МАКЕДОНИЈА: Илхан Мехмети, Филип Ѓорѓиоски (Арди Бајрами 58), Матеј Бочески (Марио Стојчевски 58), Матеја Масев (Митко Стојанов 70), Александар Полимац (Ефе Раифи 79), Дардан Адеми (Далибор Марковиќ 70), Павел Стојанов (Огнен Сивевски 46), Илија Аксентиев, Адријан Велески (Благоја Седлоски 70), Џихан Ибраими (Михајло Павлов 58), Осман Исмаили (Марин Крстевски 46).

ПретходноТФТ испиша историја – го делат две победи од пласман во АБА-лига!
Следно(ФОТО): Танцот на ТФТ за финале!