Интервју со Александра Симева: Спортот е кодот на моето семејство, а тенисот е мојот идентитет

76
Фотографиите се приватна архива на Александра Симева

Огнен Дојчиновски

Македонската тениска сцена со децении била во сенка на спортови кои реално биле далеку попопуларни кај нас. Пред се тука се мисли на колективните спортови, кои биле поатрактивни за младата генерација, а тенисот како индивидуален, високо рангиран, и пред се скап спорт, некако не бил достапен доволно.

Сепак, кога се работи за рекетот и жолтото топче, од време на време, и кај нас ќе се појави некој кој што ќе им ги згрее срцата на љубителите на тенисот, и ќе внесе надеж кај нив дека ете, и Македонија има доволно квалитетен тенисер, кој што може да не претставува на меѓународна сцена.

Самиот талент, и потенцијал никогаш ниту во еден случај не е доволен за успех. Па таков е и случајот со ултра перспективната млада тенисерка од Скопје, Александра Симева, која што резултатите уште како мала ја исфрлија на површина во наши услови, за да во тинејџерските години веќе замине за САД. Тенисот е спорт кој не трпи импровизации, па или си на највисоко можно ниво во тренажниот процес, или едноставно заостануваш и влегуваш во категоријата на медиокритети. А, Америка како што е добро познато е ветената земја за многу нешта, па и за професионалците од „белиот спорт“.

Разговорот со Александра Симева е на место. Таа е перфектен кандидат за рубриката, „Женски спортски приказни“ затоа што едноставно нејзиното достигнато ниво во моментов, и резултатите кои што ги постигнува на тенис колеџ лигата се задолжително четиво за секој млад спортист. Потврда дека ништо не е невозможно, ако се сака, работи, и посвети на она што е зацртано, и она што е неопходно за да се искачите на потребното ниво.

🎾Кои се твоите почетоци и дали имате спортска позадина која што ви даваше насока во младите денови?

„Моите почетоци се тесно поврзани со мојот татко, кој е професор д-р по физичка култура и беше мојот прв ментор уште на пет-годишна возраст. Тој ме научи дека спортот е многу повеќе од игра. Ме научи на дисциплина и градење карактер. Интересен дел од моето детство е што до мојата 8-ма година активно одев и на играорна. Тоа беше мојот начин уште од мали нозе да ја изразам мојата длабока почит и љубов кон македонската култура и традиција. Сепак, страста кон тенисот и желбата за индивидуален натпревар на теренот беа посилни, па по 8-та година целосно му се посветив на овој спорт. Доаѓам од спортско семејство. Мајка ми е професор д-р по спортски менаџмент и таа е мојот најголем столб за организацијата надвор од теренот, а имам и тројца браќа кои се занимаваа со фудбал. Кај нас дома спортот отсекогаш бил начин на живот и меѓусебна поддршка“.

🎾Што значи тенисот за Александра? Дали е тоа само начин за да се изградиш како личност, или гледаш нешто повеќе?

„За мене тенисот не е само спорт или професија, тенисот е мојот идентитет. Тоа е нешто што ме дефинира како личност и по што луѓето ме препознаваат. Спортот ми всади вредности, работни навики и лекции кои не можат да се научат на друго место. Бескрајно сум среќна што ја имав привилегијата уште од најмала возраст да ја почувствувам таа страст и да го градам мојот пат преку игра која бара максимум од секој атом на силата“.

🎾По детството минато во родното Скопје, замина во Америка, колку е тешко да се стигне до колеџ лигата во САД?

„Патот до Првата дивизија (Division I) во Америка бара врвно портфолио. Моите меѓународни успеси на ИТФ турнирите и високиот ранкинг во јуниорска конкуренција, заедно со државните титули во Македонија, беа пресудни за да добијам понуда од врвен универзитет како FIU. Моментално сум трета година во Мајами и веќе две години по ред сме шампиони на C-USA конференцијата. Воедно и рангирани меѓу најдобрите 30 тима во САД, што е огромен успех со оглед на конкуренцијата. Секојдневната работа овде е само продолжение на она што го започнав дома“.

🎾Цели и амбиции за следниот период? Што Александра Симева планира за во иднина?

„Моменталниот фокус е ставен на претстојното Конференциско првенство оваа недела, што е најважниот турнир за нас како тим. Мојата цел како капитен е да го предводам тимот кон уште една титула. Во текот на летото планирам да продолжам со интензивни тренинзи и турнири за да ја одржам формата, додека долгорочната цел ми е успешното дипломирање следната година и продолжување на мојот професионален развој во областа на менаџментот во хоспиталити индустријата“.

🎾Како е да се живее, тренира, студира во Мајами, еден од светските центри на многу полиња?

„Животот во Мајами е исполнување на мојот американски сон, но зад сјајот на градот стои воена дисциплина. Денот ми е исполнет со тренинзи, предавања и учење. Надвор од тенисот, моја голема страст е исхрана и здравиот начин на живот. Студирам „Hospitality & Tourism Management“ и мојата амбиција е еден ден да ги спојам спортот и бизнисот преку сопствен концепт за велнес центар или ресторан кој ќе промовира квалитетно гориво за телото и умот“.

🎾Кога тенисот е во прашање, секогаш се поставува прашањето околу играњето на професионални турнири наспроти колеџ тенис-лигата?

„Моментално сум целосно посветена на колеџ тенисот и моите академски обврски, бидејќи следната година ме очекува дипломирањето. Сепак, тенисот на ова ниво е одлична подготовка за професионалните води. По завршувањето на студиите, мојата цел е да ги искористам сите научени лекции од теренот лидерството, менаџирањето под притисок и дисциплината во мојата понатамошна професионална кариера.

На крајот, би сакала да истакнам дека тенисот ме научи како да бидам лидер и како да се борам за своите соништа. Мојата цел е секогаш иста: да бидам најдобрата верзија од себе и да ги инспирирам другите со мојот пример“.

Александра Симева во моментов го живее американскиот сон. Не само оној тенискиот, туку воопшто, животниот. Младата девојка од Скопје, која ете одлучи дека спортот е патот до успехот очигледно не погреши бирајќи го токму него како опција. Лекција за сите оние кои што ќе го прочитаат ова четиво посветено на неа како македонски тениски бисер дека ништо не е невозможно од средното фискултурно училиште во Скопје да се стигне до светските спортски височини и и да живее сонот за планетарен успех. Само треба да се верува во себе, да се има јасна визија што се сака, и да секое утре да се почнува со мислата. Да, денеска ќе дадам се од себе за да го исполнам својот максимум.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Фудбалската федерација на МакедонијаРакометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУНГранд Ауто  и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноМојата 10K приказна: Искуства што ги инспирираат активните тркачи
СледноКрстевски: Шкендија има само една цел во Кавадарци – да ги освои трите бода!