ГРК Охрид со лекција за Пелистер за историско финале во Купот на Македонија

169

ГРК Охрид за првпат во својата историја ќе игра во финалето на Купот на Македонија, откако го елиминираше Пелистер со 26-19 (13-7). За охриѓани ова е втора победа против битолчани во кратко време. За противник во финалето охриѓани ќе го имаат подобриот од мечот меѓу Вардар и Алкалоид, дуел кој почнува во 20 часот.

Охрид некако лесно ја превзема иницијативата на мечот, одигра подобро во одбраната, го спушти Пелистер на само седум гола во само 36 минути игра. Пред средината на првото полувреме беше 7-3, а како одминуваше времето избраниците на Борис Ројевиќ беа уште посигурни, поведоа со 12-5 во 25-та минута, на одморот резултатот беше 13-7.

ГРК Охрид го отвори второто полувреме со два гола за 15-7, на другата страна на Пелистер му беа потребни шест минути за да дојде до првиот погодок, тоа го стори Кузмановски со вистинска бомба (15-8), но противникот врати со два гола во низа за највисоки 17-8 во 39-та минута.

Пред средината на второто полувреме, охриѓани дојдоа на први двоцифрени 20-10. Во 49-та минута Самоил Ристевски заработи директен црвен картон. После 22-12, Пелистер успеа со 4-0 серија да дојде на 22-16 во 51-та минута. Но, лошата игра продолжи да ги „краси“ битолчани, не најдоа начин како да се вратат во игра.

Јагуриновски и Џукиќ со по пет гола беа најдобри стрелци кај победникот каде Пилиповиќ имаше осум интервенции. На другата страна Кузмановски имаше девет погодоци.

ПретходноНов конфликт меѓу Барселона и УЕФА
СледноВо пресрет на Мундијалот: С.Арабија му врачи отказ на селекторот!