Тиквеш – Шкендија 1:4 е исходот од денешниот меч во Кавадарци во рамките на 28.коло во ПМФЛ. Стрелци за гостите беа Мелиќи, Ибраими, Љатифи и автогол на Вареловски, додека за домашните стрелаше Стојчев.Со оваа победа сега шампионот е лидер на табелата, со два бода повеќе од Вардар ама скопските “црвено – црни“ утре играат со Шкупи.
Добар меч во Кавадарци. Шкендија ја искажа сета своја сила, Тиквеш отворен, борбен, но сепак немоќен против гостинот.
Ова беше четврти меч сезонава на овие две екипи и четврта победа за Шкендија.
Прва шанса на мечот и тоа во 15.минута и веднаш гол. По корнерот, Мелилиќи убаво со глава ја зафати таа топка и носи водство на Шкендија од 0:1. Само три минути Лавал на спротивната страна можеше да израмни, но останаа тие 0:1 за тетовци. Во 29. и 31.минута Стојанов и Гуел се заканија, но и натаму остана тоа водство на гостите.
И Шкендија имаше своја шанса, но шутот со глава на Тамба беше непрецизен. Затоа Ибраими во 36.минута знаеше како до 0:2 и до својот 227 гол во ПМФЛ. Бесарт од речиси мртов агол беше максимално прецизен. Следуваше слободниот удар на Мартин Стојанов кога Гаје одбрани, а во 43.минута Љатифи зголеми на 0:3 и со тој резултат се замина на пауза.
На почетокот од вториот дел Тиквеш и тоа како се разигра. Прво Сила опасно шутираше а Гаје одбрани, а во 50.минута голманот на гостите киксираше за да младиот Стојчев со глава ја тресеше мрежата на Шкендија за 1:3. Само две минути подоцна Вареловски со глава шутираше, ама сега Гаје со фантастична парада го спаси својот гол.
Но затоа Вареловски на спротивната страна „тресеше“ и тоа во сопствената мрежа кога по центаршутот на Љатифи си постигна автогол, Тамба само го потврди голот за 1:4 за Шкендија.
Во 60.минута сантиметри недостигаа и Зејнулаи да се запише во листата на стрелците.
Тиквеш во продолжение од средбата се обидуваше да стори нешто повеќе, имаше и свои закани, посакуваше барем поразот да го направи поподнослив.
Сепак на крајот резултатот беше 1:4 за Шкендија.















