Вардар и АП Брера полуфиналисти во младинските категории

149

Фудбалерите на Вардар и АП Брера се пласираа во полуфиналето од Купот на Македонија во младинска и кадетска конкуренција.

Кај младинците, Вардар ја елиминираше Македонија ЃП и тоа по подобро изведување на удари од 11 метри откако по 90 минути мрежите мируваа на двете страни.

Вардар имаше можност да стигне до победа, но голманот на Македонија ЃП, Дарко Јовчевски успеа да го одбрани ударот од белата точка.

Во пенал серијата клучниот пенал го одбрани чуварот на мрежата на Вардар, Павел Грбевски за победа на “црвено-црните” од 6:5.

Место меѓу четирите најдобри обезбеди и лидерот во младинското првенство АП Брера која славеше над Работнички со 2:0. Струмичани до победата дојдоа со погодоците во последните 15 минути. Матеј Сејменов во 75. минута го постигна водечкиот гол, а десет минути подоцна Иван Танчев ги постави конечниот резултат.

Останатите два четвртфинални натпревари ќе се одиграат утре. Њу Старс во Скопје го пречекува Шкупи додека Пелистер е домаќин на Брегалница.

Вардар и АП Брера се пласираа во полуфиналето од Купот во конкуренција на кадети.

Вардар ја елиминираше Македонија ЃП по победата од 4:2. Троен стрелец за “црвено-црните” беше Невзат Асани кој беше прецизен во 15., 36. и 49. минута, а Лука Георгиоски постигна гол во 60. минута.

Погодоците за Македонија ЃП беа дело на Дарин Михајловски во 42. и Лука Кнежевиќ во 86. минута.

Кадетите на АП Брера го совладаа Работнички со 2:0, а стрелци беа Влатко Манчовски во 75. и Стефан Војчески во 89. минута.

Утре се играат мечевите Пелистер – Брегалница и Њу Старс – Шкупи.

Во конкуренција на пионери Вардар им се приклучи на Пелистер и Брегалница. Вардар претпладнево како гостин триумфираше над Њу Старс со 8:0.

Николче Баталоски постигна четири гола, три пате прецизен беше Кирил Стојановски, а еден погодок е дело на Павел Котески.

Во последното четвртфинале се среќаваат Работнички и АП Брера, а почетокот е закажан за 11 часот.

 

ПретходноДејан Станковиќ дел од скандалот со проституција во Италија
СледноКуп на Македонија полуфинале: Шкендија Тетово со пресврт до победа над Шкендија Арачиново (ВИДЕО)