Се тресе тврдината, ГРК Охрид преку пенали до историско финале

746

ГРК Охрид се пласираше во финале, откако на вториот полуфинален натпревар против Целје славеше после изведување на пенали со 29:27. Во финалето претходно место обезбеди Филип Талески и неговиот Татабања.

Во преполната сала “Билјанини извори” се одигра неизвесен натпревар, беше вистинска драма решена по изведување на пенали.

Првото полувреме мина во изедначена битка. Целје отвори со 0-2, ГРК Охрид врати со серија од 3-1 за прво водство на мечот од 4-3 во 9-тата минута. Тасевски погоди по одбрана на одличниот Пилиповиќ. Голманот на македонскиот тим запиша две нови одбрани (една од седум метри), но неговиот тим не искористи за да поведе со два гола. Следеше серија на промени на водството, на одморот резултатот беше 11-11.

Битката се вжешти и во вториот период. При 14-13, следеше серија на грешки на двете страни со тоа што охриѓани не искористија неколку напади од кои два зицери за да поведат со плус два. На голема среќа ниту гостите не се снаоѓаа, Пилиповиќ беше несовладлив. Серијата на промашување ја прекина Целје за 14-15 во 44 минута. Ојлески израмни на 15-15.

Се играше гол за гол, со тоа што минималната позитива ја имаше македонскиот тим. Грешка на охриѓани, значеше водство на гостите од 19-20, Периќ беше прецизен. Сепак оваа слика не траеше долго, Јасухира врати на плус еден 21-20, но неизвесноста продолжи. При 23-23, Млакар заработи исклучување, а охриѓани имаат играч повеќе на минута и пол. Ѓукиќ првиот погодок го постигна во вистинско време за 24-23. Моралес доби две минути на 39 секунди до крајот. Целје згреши, ГРК Охрид реализира за 25-23, следеше одговор за 25-24 и изведување на пенали.

А таму ГРК Охрид успеа да дојде до посакуваната победа. Јасихура со 9 постигнати гола, од кои еден и во пенал-серијата беше најефикасен во составот на Охрид, а одлично издание имаше и Стрмљан со 7 гола и голманот Пилиповиќ кој заврши со 11 интервенции. Кај екипата на Целје, Пеиќ постигна 9 погодоци.

ПретходноАрсенал не попушта: Фулам „решен“ за едно полувреме (ВИДЕО)
СледноФиладелфија засилена за „мајсторката“ со Бостон, се враќа Ембид