Серафимов: Овој клуб минал голгота, она што е Вардар во Македонија, тоа е Левски во Бугарија

107

Огнен Чак Дојчиновски

Македонскиот интернационалец и репрезентативец, Никола Серафимов со својот тим Левски Софија, ја освои титулата во овогодинешниот фудбалски шампионат на Бугарија.

Стоперот ја имаше таа чест и задоволство, да биде дел од оваа шампионска генерација на најдобриот бугарски фудбалски колектив, кој што по повеќе од деценија мачење, егзистирање на маргините, и организациски хаос, конечно може да каже дека се враќа на старите патеки.

Со победата токму во големото дерби против ЦСКА изминатиот викенд, Левски и официјално ја прекинува дводецениската доминација на Лудогорец и стана шампион.

„Доминацијата на Лудогорец конечно е завршена, Левски стигнува до титулата по 17 години и тоа му доаѓа како еден пресврт, како еден свеж ветар во бугарскиот фудбал. Супер што сум дел од тоа“ – го почнува разговорот со Спортспорт, Никола Серафимов, па веднаш додава.

„Неверојатна приказна. Левски е неверојатна приказна. Клубот минал многу тешки години во изминатиот период. Бил на работ да пропадне. Сепак, само поради навивачите и актуелниот претседател, и луѓето околу него, клубот успеал да опстане и да застане на здрави нозе. Мислам дека оваа година успеавме да поставиме, база, темел за во иднина која што сум убеден е светла кога станува збор за Левски. Деновиве се официјализираше и новата сопственицчка структура, ќе се гради нов стадион, така што мислам дека оваа шампионска титула е плод на сето тоа што Левски го има понинато во изминатиот период. Доаѓа како награда. И за ова што го направивме сезонава секако. Мислам дека имаме навистина имаме феноменална екипа, со 25 екстра квалитетни играчи. Имаме неверојатен тренер, кој што работел во многу екипи, кој што знае како треба да се работи, знае да направи супер атмосфера, да ја држи екипара сплотена. Мислам дека клубот функционира, како една целина, тоа се гледа и од надвор што се вели. Дури и луѓето околу мене, семејтвото, пријателите, велат дека кога ги гледаат нашите мечеви, дека таа атмосфера се чувствува“ – вели „Кољо“ Серафимов па во еден здив продолжува.

Левски е Вардар во Бугарија, најдоброто што фудбалот го има

„Како се прослави титулата, доволно зборува за атмосфера во и околу Левски. Неверојатно чувство. Му посакувам на секој да го доживее тоа, и да биде дел од такво нешто.Не ме чуди воопшто тоа. На сите мечеви во текот на целата сезона, навивачите на Левски се неверојатни, без разлика дали играме дома или на 500 км од Софија. Левски е најголемиот клуб во Бугарија, исто како што е да речеме Вардар во Македонија“ – вели инаку детето на Вардар.

„Како што Вардар е Македонија, така Левски е Бугарија. Цела Бугарија е сина. Да си играч на Левски не е едноставно. Каде и да се појавиш сите те препознаваат, сакаат да разговараат со тебе, да се сликаат. Преубаво искуство е овој мој престој тука. Мора да се спомене и ете дербито со ЦСКА. Тоа е како да застанува се кога се игра дербито. Цела Софија е блокирана. За тој меч се зборува две недели пред тоа. Ривалство кое што трае со децении, фудбалско, навивачко, секакво. Такво дерби прв пат играм во кариерата мора да признаам. Не е тензијата само помеѓу навивачките групи, тоа се чувствува и на терен, меѓу нас играчите. Дербито речиси никогаш не носи убав фудбал, туку борба, надмудрување, кој ќе го искористи својот момент што се вели. За жал ете не бев дел од последното дерби, поради повреда, имав дискокација на рамото. Сепак, само една недела претходно игравме дуел со ЦСКА во кој што примивме гол во 96. минута. И тоа е некое чудно чувство. Како да си загубил се. Затоа што се ни беше на дофат до таа последна минута. Сепак, на крајот се испадна како што треба за Левски. Титулата е круна за се сезонава. Голема е честа да се биде дел од овој клуб. Имаме уште мечеви сезонава да се доиграат, најпрво сакам 100% да се вратам од повредата, да одиграм колку што е можно во моментов, а потоа да се сконцентрираме на она што следува, долго европско лето“ – вели Серафимов.

Него секако го очекуваме во Скопје на јунскиот репрезентативен собир кога националниот тим на Македонија ги има закажано дуелите против Босна и Турција.

ПретходноУжас на дуелот Челзи – Н.Форест…. настрада млад играч на Челзи (ВИДЕО)
СледноНов удар за „сините“: Челзи поразен дома, остана без место во ЛШ