Вардар 1961 уште денеска може да стави печат на титулата во домашниот шампионат. На „црвено-црните“ им е потребен бод за да ја завршат задачата, а на патот до тој бод или победа им стои Пелистер. Вечното дерби се игра денеска (19 часот) во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 19 часот.
Вардар 1961 пред оваа пресметка има 54 бода, додека пак битолчани се трети со 46 бодови, два помалку од ГРК Охрид.
Пелистер во овој дуел влегува одморен, додека пак „црвено-црните“ имаат маратон зад себе, кој нема да застане. И покрај тоа што пред само два дена играа против Монпеље во Европската лига, сепак Иван Чупиќ нема да бара алиби, вели дека секој кој сака да освои нешто мора да биде подготвен за еден ваков густ распоред.
„Нема алиби, нема плачење. Имаме густ распоред, играме на два дена, но ако треба да играме секој ден – ќе играме. Секоја екипа која сака да освојува титули мора да има ваков распоред, а не да игра еден меч на десет дена.
Тешко е, но што е тука е. Дуелот со Пелистер е најголемото дерби. Ако ги прашате навивачите сигурно дека ќе сакаат уште денеска против Пелистер на домашен терен да ја освоиме титулата, а не против Бутел или Тиквеш. Сакаме да го заавршиме првенството со десет победи по ред, не само да победиме против Пелистер, туку сите мечеви до крај, тука е и дуелот со Охрид“, рече Иван Чупиќ.
Минатата сезона Пелистер на теренот на Вардар 1961 ја освои титулата, сега желбата кај сите е единствена, во СЦ „Јане Сандански“, најтрофејниот да ја заврши својата задача.










