Стефан Мелник испиша историја освојувајќи сребрен медал на Светското првенство!

8

Членот на младинската школа на ШК Алкалоид Стефан Мелник беше повикан за настап во репрезентацијата на слабовидни и слепи шахисти, која учествуваше на Светското екипно првенство во шах во издание на IBCA (Интернационалната Брајова шаховска асоцијација).

Тој беше најмладиот член на репрезентацијата и единствениот играч под 18 години на целиот турнир, кој се одигра во Црна Гора, а на кој учествуваа 21 репрезентација. Македонската селекција беше на делба на 9. место, поточно го освои 10. место според дополнителните критериуми, но Стефан го украде шоуто во финишот на првенството настапувајќи во последните пет кола, при што освои 4,5 бода.

Со овој резултат тој се избори за сребрен медал на петтата табла (најдобар резервен играч), што е огромен успех. На почетокот на турнирот Стефан имаше стартен рејтинг од 1819 бодови, а по одиграните пет партии заработи нови 72 рејтинг-бода.

„Поканата да играм за репрезентацијата на слабовидни и слепи шахисти дојде во вистинско време за мене бидејќи претходниот период бев посветен на нешта кои го оттргнаа мојот фокус од шаховската игра. Почувствував дека немам што да загубам и растоварено влегов во овој филм. Во првите неколку кола шанса за настап добија поискусните играчи, а моите пет минути дојдоа во втората половина на турнирот“, раскажува Стефан за своето искуство.

Играчите на првите две табли, Даниел Димов и Зоран Костадиновски, се соочија со силна конкуренција, па во последните пет партии се ротираа на првата табла. Жарко Селковски и Филип Арсов настапуваа на втората и на третата табла, а Стефан доби шанса на четвртата табла.

„Враќањето во натпреварувачки ритам ми одеше тешко и, веројатно, првата партија (против Романија) ја одиграв најлошо. Противничкиот шахист беше пред победа, но успеав да ги казнам неговите непрецизности и да победам. Вториот меч (против Словачка) ми беше многу полесен и немав проблеми да победам, а најтешкиот противник го имав кога ја играв третата партија (против Бугарија). Тие имаа двајца интернационални мајстори во својот тим и беа пресилни на првите две табли, па лично ми значеше тоа што успеав да извојувам победа на тој меч. Против Шпанија, исто така, се соочивме со силна конкуренција на првите табли, но јас ја искористив шансата за четврт поен во низа против нивната шахистка која во тоа коло настапи на четвртата табла. Во пресрет на последното коло (против Словенија) ме информираа дека со победа можам да освојам златен медал како најдобар играч од резервите, па, така да се изразам, чувствував како да имам трема, играв во грч, а мојот противник воопшто не беше слаб. Тимски победивме, јас ремизирав, а тоа беше доволно само за сребрен медал. Украинскиот шахист кој го освои златниот медал има 200 рејтинг-поени повеќе од мене, но не настапи во последното коло за да не го наруши својот резултат“. 

Околу идните ангажмани, Стефан е претпазлив во ветувањата бидејќи веќе има искуство зад себе како играч, но фокусот му е насочен и кон другите животни обврски.

„Ќе се држам до фразата дека овој успех ме мотивира да продолжам. Во прв план ќе ми бидат натпреварувањата за слабовидни и слепи шахисти, но се надевам дека благодарение на поддршката од ШК Алкалоид ќе бидам во можност да продолжам и со настапите на редовните турнири, на кои конкуренцијата е посилна“. 

Репрезентацијата на Полска, која беше најдобро рангирана според просечниот рејтинг на играчите, а за која играа тројца играчи со титули (еден велемајстор и двајца интернационални мајстори), го оправда епитетот на фаворит и со 17 од можни 18 поени го освои златниот медал, пред Украина со 16 и Србија со 13 бодови.

Фото: ШК Алкалоид

Повеќе детали: https://s1.chess-results.com/tnr1360328.aspx?lan=1&art=3&rd=9&fedb=MKD&turdet=YES&flag=30&SNode=S0

ПретходноСредниот прст на Рафиња, анти-мадридскиот дрес на Јамал и букетот на Педри (ВИДЕО)