Даниела и Сара Горбок: Повикот беше изненадување, но го прифативме со драго срце

69
фото: vfmkd.org.mk

Многу нови, млади одбојкарки кои треба да се иднината на македонската женска репрезентативна одбојка се најдоа на поширокиот список на новиот селектор Милош Гавриловиќ. Меѓу оние кои премиерно добиваат шанса во А тимот се и сестрите Даниела и Сара Горбок, кои настапуваат за „Газели Волеј“ во домашното првенство.

Ќерќите на прославениот руски ракометар, Сергеј Горбок, кој го носеше дресот на РК Вардар и беше дел од екипата која ја освои втората европска клупска титула во 2019 година, долги години живеат во Македонија, веќе добија и македонско државјанство, а Одбојкарската федерација на Македонија според правилата на ФИВБ е и нивна матична Федерација. Со оглед на прикажаното во нивната дебитантска прволигашка сезона следуваше и повикот во националниот тим.

Сестрите одлично се адаптираат во репрезентативната средина и потенцираа дека се среќни и изненадени што селекторот Гавриловиќ ги вклучил и нив на списокот.

„За нас беше големо изненадување кога го добивме повикот, но го прифативме со драго срце. Благодарни сме што сме поканети да сме дел од сениорската репрезентација на Македонија. Се радуваме што селекторот смета на нас“, вели Сара, додека Даниела ја надополнува: „Навистина сме среќни и тука сме за да покажеме што знаеме и што можеме. Ќе се обидеме да го дадеме најдоброто од нас и да покажеме дека стручниот штаб може да смета на нас.“

Првото „кратење“ на составот треба да се случи викендов, по што ќе биде познато на кои одбојкарки ќе смета селекторот во пресрет на настапот во Европската лига 2026. На останатите уште на првиот собир им беше посочено дека на нив ќе се смета во некоја следна акција.

ПретходноРакометниот шампион прв му честиташе на новиот фудбалски првак
СледноБелгија со Лукаку и Де Брујне оди на Мундијалот