Одлична атмосфера и многу насмевки во Штип: Над 1.500 деца го одбележаа „Денот на спортот“ (ФОТО)

44

Штип беше домаќин на големиот настан „Денот на спортот“. Поттикнувањето на спортски начин на живот, инклузија, толеранција и другарство меѓу децата и младите е мисијата на најголемиот спортско-аматерски настан во Европа – Плазма Спортски игри за млади, веќе 30 години. СИМ од оваа година за првпат се одржува и во Македонија, со главна цел – бесплатен спорт за сите деца.

Над 1.500 млади спортисти беа поздравени од градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, и претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска, како и од спортските асови на градот – македонските каратисти Емил Павлов и Сашко Арсовски.

Свеченото отворање на „Денот на спортот“ во Штип започна со палење на пламенот на СИМ, кој претходно тргна од Скопје, а потоа продолжи во Куманово.

Градоначалникот Иван Јорданов порача дека токму преку спортот се создаваат здрави генерации, се градат пријателства, дисциплина и вистински вредности.

Претседателката на Федерацијата, Елена Мицковска, ја истакна важноста на поддршката од Владата, Министерството за спорт и сите спонзори, со цел Плазма Спортските игри за млади да станат наше секојдневие, а секое дете да има можност бесплатно да спортува.

„Горди сме што од настан до настан стануваме сè побројни. Благодарност до градоначалникот Иван Јорданов и Сојузот на спорт на Штип. Сакам да упатам благодарност до Владата, Министерството за спорт и сите кои се заложија Плазма Спортските игри за млади да дојдат и во Македонија, а децата од руралните и урбаните средини бесплатно да учествуваат и да спортуваат“, рече Мицковска.

Во прекрасна атмосфера, исполнета со насмевки и фер-плеј, се одигра и омилениот Coca-Cola Cup, во машка и женска конкуренција за генерацијата 2011. Големо внимание привлече баскетот 3х3, а возбудливо беше и на натпреварите во одбојка и ракомет. Идните спортски ѕвезди покажаа одлични вештини и во шах и пинг-понг, додека атлетиката и овој пат донесе неизвесност и возбудувања.

На крајот сите учесници во еден глас порачаа: ИГРИТЕ СЕ ЗАКОН!

ПретходноТухел: Повикани се играчи што ќе создадат тим
СледноПеп откако објави дека веќе нема да биде тренер на Сити:„Добив порака од Алекс Фергусон“! (ФОТО+ВИДЕО)