Андреас Бек: Македонија создава сериозен систем за развој на млади фудбалери

95

Поранешниот германски репрезентативец и актуелен раководител на УЕФА за развој на елитен младински фудбал, Андреас Бек, престојуваше во посета на Фудбалската федерација на Македонија, каде заедно со стручните служби на ФФМ ги анализираше тековните проекти и идните планови во рамки на програмата за Елитен младински фудбал и академијата на ФФМ.

Бек, кој во својата играчка кариера настапуваше за германската репрезентација, како и за екипите на Штутгарт, Хофенхајм и турски Бешикташ, денес е дел од системот на УЕФА задолжен за развој на младински академии и елитен фудбал на европско ниво.

Во текот на посетата на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје, Бек ги следеше активностите на младинските селекции и академијата на ФФМ и одржа повеќе состаноци со претставниците на нашата федерација околу идната поддршка преку програмата на УЕФА.

„Во балканскиот регион, луѓето буквално се раѓаат со топка. Без разлика дали станува збор за фудбал, ракомет или кошарка, овде постои длабоко вкоренета спортска култура. Но, само талентот не е доволен. Потребни се структура, континуитет, квалитетна работа, натпревари и вистинска средина за развој“, изјави Бек.

Тој посочи дека Македонија уште од 2014 година е дел од пилот програмата на УЕФА за развој на млади фудбалери и дека напредокот е видлив.

„Она што денес го гради ФФМ е јасен и добро структуриран систем за развој чекор по чекор. Особено позитивен впечаток оставаат проектите на ФФМ Академијата до 15 години и пилот проектот за фудбалери до 14 години“. – изјави германецот, па поентираше.

Бек ја истакна важноста на континуираниот процес на работа со младите фудбалери.

„ФФМ Академијата (У-15) претставува добро организиран хибриден модел кој функционира од понеделник до петок и овозможува тренинзи, заеднички оброци, натпреварувачко искуство и видео анализа. Пилот проектот (У-14) е камп-модел кој работи со селектирани фудбалери надвор од Академијата и ги подготвува за целосно вклучување во системот следната сезона“. – заврши Бек.

Директорот на младинските категории во ФФМ, Ѓорѓи Христов, нагласи дека УЕФА е детално запознаена со реорганизацијата на Академијата и новите развојни планови.

„Направивме клучна реформа во Академијата. Ако претходно проектот функционираше две години, сега целта е континуитетот да продолжи се до првите квалификации за таа генерација. Дојдовме до заклучок дека токму во клучната година пред квалификациите ги немавме играчите доволно долго во системот. Затоа сакаме да продолжиме со истата група фудбалери, бидејќи позитивниот ефект од изминатите 12 месеци е евидентен“, изјави Христов.

Тој најави дека од следната сезона, за првпат, двете академии ќе бидат вклучени во Супер кадетската и Супер пионерската лига, каде младите фудбалери ќе играат против повозрасни генерации.

„На пример, Академијата со генерација 2012 ќе игра натпревари против генерација 2011. Тоа е многу важно за нивниот развој. Уште еднаш се потврди колку е значаен континуираниот тренажен процес и колку е важно децата што повеќе време да бидат во систем. Не се доволни само 15 натпревари со репрезентацијата. Со вклучувањето во лигашките натпреварувања ќе добиеме многу повеќе натпревари и дополнителен простор за напредок“.

Христов додаде дека ФФМ ќе продолжи да работи и на подобрување на условите за младите фудбалери од внатрешноста, преку подобри услови за сместување, образование и современ тренажен процес.

„Ќе се работи по иста програма и методологија, со современи фитнес и ГПС методи, се со цел да создадеме уште поквалитетен систем за развој на младите фудбалери“, истакна директорот на младинските категории во ФФМ.

 

 

 

ПретходноВИДЕОЛОТАРИЈА СО ПРИЗНАНИЕ ЗА ОПШТЕСТВЕНА ОДГОВОРНОСТ ЗА ПРОЕКТОТ „ИГРАЈ СО НАЈДОБРИТЕ”
СледноОфицијално: Мајкл Карик е менаџер на Манчестер Јунајтед до 2028 година