✍ Сашо Кузмановски
Таа е едно од лицата на Скопскиот Маратон, на женската Авицена трка, повеќе од две децении активна и како триатлон судија, порано и велосипедски судија, судија на мотор на некои од најголемите и најпрестижните атлетски трки во Македонија. За неа ќе ви речат дека е неверојатен професионалец, организациски „доктор“, жена која со години заедно со сите нејзини соработници успеа од трчањето на друмски патеки да направи култура на живеење. Затоа што спортот е нејзин живот!
📍Долги години сте во срцето на спортскиот менаџмент во Сојузот на спортови на град Скопје, организација од која тргна подемот на најмасовната спортска манифестација во Македонија – Скопскиот атлетски маратон. Кога ќе погледнете наназад, која беше пресвртната точка што го трансформираше Скопскиот маратон од локален настан во меѓународно призната трка со илјадници учесници?
„Скопскиот полумаратон започна како меѓународен настан, но со многу мал број на учесници. Секоја година настанот растеше и се оформуваше како кајголем спортски настан. Сепак најголемиот подем го бежежиме во 2014/ 2015 со влегување на Виз ер како насловен спонзор. Кога се гледа статистички, прогресијата е во постојан раст и покрај одредени непредвидени ситуации и несреќи кои се случија, настанот не е доведен до стагнација. Сепак, можам да констатирам дека креативноста и дарежливоста на спонзорите кон спортистите е клучен момент за раст на настанот“.

📍Организацијата на маратон бара координација на стотици луѓе, полиција, волонтери и медицински тимови. Како жена, како се носите со големите логистички предизвци со кој сте се соочиле досега?
„Исто како и мажите веројатно. Никогаш не сум се соочила со деградирања и родова нееднаквост. Одговорноста и квалитетот на реализација на задачите е особина која секој човек ја има и по која се разликуваме. Јас се сметам за одговорна, почитувам и секогаш одлично соработувам со истиот тим дваесет години. За настанот да биде успешен, клучен фактор е одлична координација во тимот. А нашиот тим е беспрекорен и сум многу горда на секој еден поединец со кој работам“.
📍Женската Авицена трка стана симбол за женското спортско движење кај нас. Што беше примарниот мотив при нејзиното креирање и колку сте задоволни од начинот на кој жените во Македонија ја прифатија оваа култура на трчање?
„На глобално ниво, жените помалку се занимаваат со спорт, исто и кај нас, мислам и на рекреативно и аматерски и професионално поле. Сојузот на спортови на Скопје има за цел да ја подобри состојбата во која и ние се наоѓаме, да создадеме настани каде ќе ги мотивираме граѓаните да рекреираат. Така, пред 14 години започнавме со трка на 1 километар, со цел да ги мотивираме жените во секоја доба од животот да се движат, да рекреираат за да бидат поздрави, посреќни и еднакви. Да не си создаваме премногу изговори. Трката низ годините растеше со многу позитивна енергија, многу повеќе километри, преку 3.500 учеснички во 10 старосни категории. Со оваа трка, успеавме да го зголемиме бројот на жените на другите трки. Веќе две години, на трката на 5 километри во склоп на Виз Ер Скопски Маратон има повеќе женски учеснички. Има прогрес, ништо не се случи преку ноќ работевме на долгорочна стратегија без позадински поддршки. Никој не веруваше во овие измени повеќе од нас и сме презадоволни од овој прекрасен прогрес“.

📍Дали сметате дека преку масовните трки успеавте да го урнете митот дека „трчањето на долги патеки не е за жени“, односно дека спортот е само за професионалци, а не и за мајки, деловни жени и сите кои сакаат да водат здрав начин на живот?
„Токму тие мајки ги урнаа митовите. Ќе ја издвојам Катерина Шиповиќ, мајка , сопруга и деловна жена, ултрамаратонка која во 2023 финишираше и победи на 24 часовна трка во Белград, ама прва од мажите и од жените. Апсолутен победник! Мајките Тамара, Миљана, Биљана и уште стотина други можат многу повеќе од тоа што нивниот нежен изглед кажува а сите не прелажува. Кревки, кротки и незапирливи, сите врвни професионалки, успешни и поддржани од семејствата. Митот е урнат, само треба да се слушне вистината“.
📍Сè почесто гледаме мајки со колички на трките или мајки кои трчаат заедно со своите ќерки. Како гледате на оваа нова слика за македонската жена која го интегрира спортот во семејниот живот?
„Тоа е клучно за развојот на општеството, на семејството, на создавање здрави навики и здрави личности на поколенијата. Активно поминато време со своето семејство и воведување на здрави спортски навики е најдобриот “чеиз” што може да го добие секое дете“.

📍Пред дваесетина години, ретко можевме да видиме луѓе како трчаат по кејот или по улиците, а денес тоа е стил на живот. Колку вашиот ангажман во организација и помош при организација на низа атлетски трки низ Македонија доведе до позиционирање на трчањето како секојдневна активност?
„Трчањето се прошири како зараза и не само во Скопје. Почнаа да се организираат трки во скоро секој град од Македонија и лани се формираше и Македонска трчачка лига. Сите организатори на трките сме одлични соработници и солидарно се поддржуваме, што е карактеристично во спортот. Сега учесниците имаат повеќе избор, појасна цел, повисоки граници, а сите ние добивме врвни атлетичари со кои сега може да кажеме дека пркосиме во цел регион. Ова пред 20 години беше само сон“.
📍Покрај Скопскиот маратон, ве гледаме како главна алка и при организацијата на многу други трки и настани. Каков е Вашиот критериум при изборот на нови концепти за трки и што е она што ја прави една трка успешна?

„Јас сум 25 години активна и како триатлон судија, порано и велосипедски судија, Судија на мотор на Прв до Врв ( настан кој не е во наша организација) често знам и да волонтирам да други трки и не бирам каде ќе волонтирам. Бев дел и од Европскиот Младински Олимписки Фестивал. Целта ми е секогаш да придонесам во развојот и одржувањето на спортот. При креирање на нов настан најважно е да ја видиме какви се потребите на тркачите, што им недостасува? Чим имаме јасна визија за настанот следи дали анализата: Дали ќе најдеме спонзори и средства и најважното време да ја организираме истата. Настаните траат неколку часа во еден ден, но само тој што организирал, знае дека организацијата трае цела година“.
📍Спортот често се перципира како машки свет, особено во организацискиот дел. Дали се соочивте со предрасуди во текот на кариерата?
„Сум имала ситуација да ми нарачаат да сварам кафе додека го чекаат Секретарот. Секако со задоволство ќе го сварам кафето па седнувам и се претставувам дека јас сум Секретарот. Имало ситуации кога очекувањата да се преговара со маж биле неисполнети. Но не можам да кажам дека тоа се случувало често. Мене не ми се случувало, веројатно е до ставот. Знам што работам и знам што зборувам во мојот делокруг на работа. И кога купувам алат за настаните (најчесто клешти- цвикцангли) продавачите мислат дека купувам за мојот сопруг, се додека не почнам да пребарувам тоа што ми лежи на рака“.

📍Колку е важна меѓусебната женска поддршка во спортот? Како да работиме на мотивирање на повеќе жени да се вклучат во административните и тренерските структури на спортот?
„Поддршката е многу важна, но јас сум сведок кога жените сами се повлекуваат и покрај поддшката. А сведок сум и на ЕМОФ каде работевме повеќе жени од мажи и многу поодговорни во задачите беа жените. Имавме еднакви можности, поддршка и случајно или не, кога се прошируваше тимот жена предложува жена, а мажите маж. Сепак, професионалноста и квалитетот е пресуден, без разлика на полот. И со сите предизвици, жените успеваа подобро да се справат со тешки ситуации“.
📍Како да ги извлечеме децата од пред екраните и да ги мотивираме да се вклучат во атлетиката? Постојат ли нови проекти во најава насочени кон најмладите?

„За тоа државата треба да направи стратегија и да е во соработка со сите спортски субјекти. Родителите се втор клучен фактор по мене. Првиот е училишниот спорт и вклученост во нега на деца кои не се вклучени во спортот во постоечки клубови. Мислам дека мотивацијата кај децата паѓа а не секое семејство има можности да приушти вклученост во спортот, Сепак клубовите се сите солидарни и вратите им се отворени и за ранливи категории кои пак се и најталентирани, ама тие ретко бараат помош, се повлекуваат не сакаат да знаат дека им е тешко. Колку повеќе организирани настани, со сите вклучени деца, со добри примери и вклучување на врвните спортисти во мотивација на децата, ќе се намалат лошите и штетни влијанија, не само екраните ами и тие пострашните“.
📍Каде го гледате женскиот и воопшто спорт, конкретно атлетиката во Македонија за 10 години? Што е она што сè уште ни недостасува –инфраструктура, поголема медиумска покриеност или повеќе жени на одлучувачки позиции?
„Не секогаш се покажало дека жените на врвни позиции се успешни и продуктивни за спортистите. Успешни луѓе недостасуваат. Недостасува транспарентност, реални согледувања дека федерациите и клубовите постојат за спортистите, а не обратно. Недостасува поддршка на настаните и спортистите. Недостасуваат и жени тренери во сите спортови и секако офицери за безбеден спорт. Со овие две работи убедена сум дека ќе има и поголема вклученост на девојките во спортот. Секако за развојот на атлетиката инфраструктурата е таа што најмногу недостасува. Сиве овие години државата не најде решение за да изградба на атлетски стадион. Каде ќе тренираат многу повеќе атлетичари и ќе имаат квалитетни натпревари па да се одржуваат и врвни меѓународни митинзи, кои нема да зависат од одржување на фудбалски натпревари или концерти. Не може кралицата на спортовите да моли да одржи натпревар. За ова прашање верувам дека можно е да има решение доколку за истото во тимот одлучува жена“.
***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Фудбалската федерација на Македонија, Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***
Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН, Гранд Ауто и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ.





