Кошаркарите на Реал Мадрид ќе играат во финалето на Ф4 во Евролигата во Атина против домашниот тим Олимпијакос.
Ова е епилогот од вечервашните полуфинални натпревари, во кои прво Олимпијакос убедливо го победи Фенербахче со 79:61, со голема поддршка од црвено-белите навивачи, а потоа Реал беше исто така убедлив во шпанското дерби против Валенсија – 105:90, но со прилично „млака“ атмосфера за време на овој натпревар.
Ова значи дека во недела во 20:00 часот во финалето, ќе видиме реприза на борбата за титулата од Каунас во 2023 година, кога Реал победи со 79:78 во драматичното финале, па сега тоа ќе биде мотив повеќе за Олимпијакос да ја освои титулата во Евролигата по 13 години.
Со ова заврши бајката на Валенсија, овој состав едноставно немаше сила да му се спротистави на гигантот. Сепак прашање е како “кралевите“ ќе играат во финалето против силниот Олимпијакос ако се знае дека вечерва и вториот центар, Гаруба се повреди, а одамна во тимот го нема Таварес.
Хезоња со 25 поени го предводеше победничкиот тим, додека кај поразените најефикасен беше Монтеро со 15 поени.










