Вечерва (20.30 часот) на “Кошево“ во Сараево, Македонија ќе го одигра својот шести натпревар против А-селекцијата на БиХ, сите пријателски.
Имаме една победа, еден пораз и три ремија.
Во 1998 година на свој терен Македонија против БиХ одигра 1:1, следуваше средба две години подоцна на гости кога Босанците победија со 1:0. Во 2002 на “Грбавица“ беше 4:4, а во 2004 победивме дома со 1:0 со голот на Пандев. И на последната во 2008 година на гости беше 2:2.
Од аспект на селекторите Гоце Седлоски и Сергеј Барбарез и тоа како имаа своја историја. Нашиот селектор играл на четири меча против Босанците, додека Барбарез на три против Македонија. Значи трипати играле еден против друг во своите репрезентации како играчи, а вечерва за првпат ќе бидат еден против друг како селектори.
Секако дека најнтересно беше на “Грбавица“ на 27 март 2002 година кога реултатот беше 4:4. “Паднаа“ неверојатни четири гола, а селектори беа Никола Илиевски – Џиџи и Блаж Слишковиќ.
Седлоски во одбраната на Македонија, а Барбарез во нападот на БиХ и сегашниот селектор на Босанците беше поуспешен со два постигнати гола.
Да кажеме и тоа дека на овој меч Артим Шаќири забележа хет – трик, а гол даде и Саша Ќириќ.
На видеото можете да видите инсерти од тој меч, од таа голеада на “Грбавица“ пред 24 години.










