Интервју со Елеонора Петровска: Тоа што сум жена судија никогаш не било пречка, само мотив да работам повеќе и подобро!

314

Сашо Кузмановски

Во „Женски Спортски Приказни„ зборуваме со Елеонора Петровска. Таа е првата македонска интернационалка на одбојкарската судиска сцена. Дама која ги урива стереотипите за македонските одбојкарски судии на меѓународната сцена.

За одбојката вели дека е нејзиниот живот, а судиската работа е поставена цел уште од најмладите години, за да ја исполни желбата да ја претставува Македонија на меѓународната сцена. Пред неа веќе овој јуни е голем судиски предизвик со првите натпревари во рамките на Европската лига и тоа во машка конкуренција.

🏐Како прва жена со титула интернационален одбојкарски судија во Македонија, вие практично го пробивте мразот за останатите девојки кои се решиле да одат по овој пат. Зошто позивот – одбојкарски судија?

„Одбојката отсекогаш била дел од мојот живот уште од најраните години. Долг период тренирав и активно играв одбојка, но во моментот кога одлучив да се насочам кон моето формално образование, свесно избрав да не ја елиминирам одбојката од мојот живот. Напротив, направив транзиција од играч во судија и почнав да ја гледам одбојката од една сосема поинаква перспектива. Со текот на времето, се повеќе се пронаоѓав себеси во улога на судија. Апетитите и желбата за достигнување повисоки цели постојано растеа, и искрено, се уште растат. Отсекогаш сум се водела од мислата дека во животот човек треба точно да знае што сака и кон што се стреми. Јас оддамна ја имав поставено својата цел, знаев дека сакам да достигнам меѓународно ниво и да ја претставувам својата земја и својата федерација во најдобро можно светло. Фактот што сум првата жена од Македонија со титула интернационален одбојкарски судија за мене претставува голема чест, но истовремено и голема одговорност. Верувам во младите и ги поддржувам безрезервно, и се надевам дека мојот пример ќе ги охрабри и другите девојки да веруваат во своите способности, да бидат упорни и да не се плашат да ги следат своите соништа“.

🏐Колку беше тешко да се стекне почит и авторитет во средина каде што мажите традиционално ја имаа главната зграда на судиската сцена?

„Не би рекла дека беше лесно, но исто така не би рекла ниту дека авторитетот се стекнува само поради полот. Во судењето, најважни се знаењето, професионалноста и интегритетот без разлика дали си жена или маж. На почетокот, како и секој млад судија, морав напорно да се трудам за да докажам дека сум подготвена за предизвиците што ги носи судењето. Секоја реакција од играчите и тренерите, било позитивна или негативна, ја доживував како искуство од кое учам, а сето тоа ме направи посигурен судија, но и посилна личност надвор од теренот. Секако, во средина во која традиционално доминирале мажи, понекогаш се уште е потребно како жена дополнително да се докажувам. Но, тоа никогаш не го гледам како пречка, туку како мотив да работам уште повеќе и подобро. На крајот на денот, почитта не доаѓа автоматски, туку таа се гради со години, преку учење, професионален однос, манири и резултати“.

🏐Дали на почетокот на вашата кариера чувствувавте дека морате да работите двојно повеќе или да бидете „безгрешна“ на теренот само за да го докажете својот квалитет во споредба со вашите машки колеги?

„Искрено, на почетокот имав чувство дека секоја грешка што ќе ја направам ќе биде многу позабележана отколку кај поискусните колеги. Тоа не беше само поради фактот што сум жена, туку и затоа што бев млад судија кој се обидува да го изгради својот кредибилитет. Затоа вложував многу труд во подготовката, во учењето на правилата и во анализата на секој натпревар. До ден-денес ми остана навиката по секој натпревар да го прегледам натпреварот и да го анализирам своето судење, без разлика дали натпреварот бил возбудлив или помалку динамичен. На тој начин ги согледувам сопствените грешки и работам на тоа да се подобрам. Можеби навистина вложував повеќе за да се докажам, но денес гледам на тоа како на голема предност. Токму таа посветеност, дисциплина и желба за напредок ми помогнаа да стигнам до меѓународната сцена. Што е најважно, со текот на времето сфатив дека стремежот кон тоа да се биде “совршен судија” не треба да значи страв од грешки. Судиите, како и сите луѓе, не се безгрешни. Вистинската слика за еден судија не се создава по тоа дали никогаш не погрешил, туку по неговата способност постојано да учи, да се развива и да ја задржи довербата на учесниците во спортот, влегувајќи на терен со чиста мисла, мирна глава и целосна посветеност, оставајќи ги сите надворешни работи надвор од теренот. Не постои судија кој не погрешил, но постои судија кој од секоја грешка учи и напредува“. 

🏐Спортот, а особено судењето, досега најчесто им се припишуваше на мажите. Има ли  стереотипи или коментари кои се дел од она што се случува на теренот (од публиката, тренерите или играчите) додека ја извршувате вашата работа?

„Една работа од која секогаш се водам е дека кога ќе влезам во салата, егото го оставам пред вратата. Ги оставам и приватните проблеми, и добрите и лошите денови. Во тој момент постои само натпреварот и обврската да се применат правилата на играта на најдобар можен начин. Секогаш се водам кон тоа дека не треба да се наметнувам на натпреварот или да бидам во центарот на вниманието. Напротив, сметам дека добриот судија е оној кој ја врши својата работа професионално, а притоа останува во позадина и речиси неприметен. Публиката пред се доаѓа да ги гледа играчите, нивната игра и неизвесноста на натпреварот. Не доаѓа да го гледа судијата. Особено на меѓународните натпревари, каде што настапуваат најдобрите светски одбојкари, мојата улога не е да го насочам вниманието кон себе, туку да овозможам натпреварот да се одвива фер и непречено. Не би сакала со непотребни прекини, опомени или санкции да станам главна тема на натпреварот и вниманието да се префрли од играчите кон мене. Публиката доаѓа да ужива во спортската претстава, а не да гледа судија кој постојано дели картони и демонстрира авторитет. Затоа верувам дека секој учесник во натпреварот има своја улога и своја одговорност. Судиите треба да судат согласно правилата на играта, играчите треба да играат и да освојуваат поени, а тренерите да ја водат својата екипа кон победа. Кога сите три компоненти од овој ланец функционираат професионално, натпреварот тече беспрекорно и завршува успешно, без разлика дали е завршен во три, четири или пет сета. Тогаш одбојката е вистинскиот победник, а тоа е суштината на нашата работа“.

🏐Постои ли сè уште перцепција кај нас дека машките натпревари треба да ги судат мажи, додека на жените-судии им се „подоверливи“ женските лиги? Како вие гледате на оваа поделба?

„Лично, никогаш не сум сметала дека постојат „машки“ и „женски“ натпревари од аспект на судењето. Правилата на играта се исти за сите, а задачата на судијата е да ги применува професионално и непристрасно, без разлика дали на теренот играат мажи или жени. Авторитетот на судијата не произлегува од полот, туку од неговата стручност, смиреност и способност да носи правилни одлуки во клучни моменти. Сметам дека современиот спорт одамна треба да ги надмине ваквите поделби. Кога ќе излеземе на терен, ние не сме машки или женски судии – ние сме судии. Исто како што не зборуваме за машки или женски доктор, адвокат или професор кога станува збор за нивната стручност, така не би требало да зборуваме ниту за машки или женски судија. Единственото мерило треба да биде квалитетот на работата. Особено ми е драго што денес се повеќе жени се појавуваат на највисоките сцени во светската одбојка и судат натпревари од врвно ниво, вклучително и машки натпревари. Тоа е најдобриот доказ дека компетентноста нема пол и дека местото на секој човек во спортот треба да се одредува според неговите способности, а не според неговиот пол“.

🏐Каква е ситуацијата со младите девојки во Македонија и желбата/интересот да се занимаваат со спортско судење?

„За среќа, во последните години забележувам позитивен тренд и се поголем интерес кај младите девојки да се вклучат во судењето. Сепак, бројките се уште не се на нивото на кое би сакала да бидат. Мислам дека главната причина не е недостатокот на способност или интерес, туку недоволната информираност дека судењето може да биде сериозна можност за личен и професионален развој во спортот. Многу девојки уште од мали се насочуваат кон тоа да бидат спортистки, што е одлично, но ретко размислуваат дека можат да останат дел од спортот и како судии, делегати и тренери. Затоа е важно да има повеќе видливи примери и успешни приказни кои ќе покажат дека и овие улоги се подеднакво значајни.Она што секогаш им го порачувам на младите девојки е да не дозволат стереотипите да ги ограничуваат. Особено е важно што денес младите девојки имаат повеќе примери од порано. Кога јас започнував, немав многу жени на кои можев да се угледам. Денес ситуацијата е поинаква и верувам дека секоја нова девојка што ќе се одлучи за овој пат ќе им го олесни патот на оние што ќе дојдат по неа“.

🏐Како ја оценувате моменталната позиција на жената во македонскиот спорт генерално – не само на теренот, туку и на раководните, менаџерските и судиските позиции? Каде заостануваме најмногу?

„Сметам дека позицијата на жената во македонскиот спорт денес е значително подобра отколку пред десетина или дваесет години, но се уште постои простор за напредок. Најголемото заостанување, според мене, сеуште е видливо на раководните и одлучувачките позиции. Иако имаме многу способни, образовани и искусни жени во спортот, нивното учество во управните одбори, федерациите, комисиите и другите тела каде што се носат клучните одлуки сеуште не е доволно застапено. Тоа значи дека жените не се секогаш доволно вклучени во процесите каде што се креираат стратегиите, се носат правилниците и се одлучува за насоката во која ќе се развива спортот. Во делот на судењето, ситуацијата постепено се подобрува. Се повеќе жени се охрабруваат да влезат во оваа професија, и тоа е навистина важно и охрабрувачки. Но, вистинскиот напредок нема да се мери само според бројот на жени кои се присутни, туку според тоа дали нивната стручност, работа и резултати се вреднуваат еднакво и објективно, без разлика на полот“.

🏐Судењето на интернационално ниво бара постојани патувања, едукација и огромно време поминато надвор од дома. Како балансирате меѓу приватниот живот со барањата на професионалниот спорт?

„Судењето на интернационално ниво навистина бара многу посветеност, патувања, континуирана едукација и голем број денови поминати далеку од домот. Тоа е начин на живот кој носи многу убави моменти, но и одредени жртви. За мене клучна е добрата организација и правилното поставување на приоритетите. Бидејќи покрај судењето имам и професионална кариера надвор од спортот, секоја обврска бара сериозно планирање. Понекогаш тоа значи рани утра, доцни вечери и внимателно усогласување на сите обврски, но кога нешто го работите со љубов, предизвиците полесно се надминуваат. Сепак, ништо од ова не би било возможно без поддршката од најблиските. Семејството и луѓето кои ве разбираат играат огромна улога, бидејќи тие се оние што ја разбираат вашата отсутност кога сте на пат или на натпревар во друга држава. Од друга страна, интернационалното судење ми даде многу повеќе отколку што ми одзеде. Ми овозможи да запознаам различни култури, да стекнам пријателства низ целиот свет, да учам од врвни професионалци. На крајот, верувам дека балансот не се постигнува со тоа што подеднакво ќе го поделите времето, туку со тоа да бидете целосно присутни во она што го правите во дадениот момент. Кога сум на натпревар, целосно сум посветена на натпреварот и мојата задача како судија. Кога сум дома, се трудам времето да го посветам на семејството и луѓето што ми значат. Токму тоа ми помага да останам мотивирана, фокусирана и да продолжам да напредувам и како професионалец и како личност“.

🏐Што треба да преземат спортските федерации и институциите во Македонија за да создадат „попријателска“ и помотивирачка средина за жените во спортот? Постојат ли конкретни програми или менторства што недостигаат?

„Верувам дека најважната задача на спортските федерации и институциите е да создадат средина во која жените нема да чувствуваат дека добиле шанса затоа што се жени, туку затоа што се квалитетни и компетентни. Мислам дека кај нас не недостига талент, туку повеќе недостигаат системска поддршка и јасно дефинирани развојни програми. Особено важен е менторскиот пристап. Секој почеток е полесен кога покрај себе имате личност која веќе го поминала тој пат и може да ви помогне со совет, насока и охрабрување. Јас лично верувам дека токму ваквите програми можат да имаат огромно влијание врз задржувањето и развојот на младите кадри во спортот. Исто така, потребно е повеќе да се работи на видливоста на успешните жени во спортот. Кога младите девојки ќе видат спортистка, судијка, тренер или функционер жена, која успешно ја извршува својата работа, многу полесно можат да се препознаат себеси во таа улога и да поверуваат дека и тие можат да стигнат до истото ниво. Но, покрај програмите и проектите и се набројано, сметам дека круцијално најважно е да се изгради спортска култура заснована на почит. Ако успееме да создадеме таква средина, тогаш нема да зборуваме за тоа дали некоја позиција е машка или женска, туку дали личноста е доволно способна, подготвена и посветена да ја извршува“.

🏐Која е вашата порака до сите оние млади девојки во Македонија кои можеби сакаат да тргнат по вашите стапки?

„Да веруваат во себе и во својата љубов кон спортот, без разлика на тоа што ќе слушнат или какви стереотипи ќе сретнат на патот. Ако нешто навистина ве привлекува и ве исполнува, тогаш вреди да му дадете шанса, дури и ако патот изгледа тежок или несигурен на почетокот. Важно е да се знае дека никој не започнува како готов професионалец. Сите ние учиме, грешиме и растеме низ искуство. Не дозволувајте туѓите очекувања или предрасуди да ве ограничат. Во спортот, како и во животот, најголемите достигнувања доаѓаат кога ќе излезете од комфорната зона и ќе се соочите со предизвиците. Мене лично, на пример, судењето ме научи дека одговорноста, смиреноста и постојаното учење се клучни за напредок, но исто така ми донесе и огромна лична сатисфакција и можности што никогаш не сум ги замислувала. И како што често знам да кажам: за соништата да се исполнат, треба да сонуваш – па макар и со отворени очи“.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Фудбалската федерација на МакедонијаРакометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУНГранд Ауто  и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноМилан почнал преговори со Покетино
СледноИмаме победници: Фер-плеј игра и многу возбуда во Кочани