Злато за Трајковски! Во Монако се интонираше химната на Македонија!(ВИДЕО)

217

Македонскиот репрезентативец и член на АК Работнички, Андреас Трајковски, го освои златниот медал во скок во далечина на Европското првенство во атлетика за мали земји (European Challenger Championships), кое денес се одржа на легендарниот стадион Stade Louis II во Монако.

Андреас уште во втората серија го постави победничкиот резултат од 7.62 метри. По првиот скок од 7.43 метри, тој значително го подобри резултатот и изби на првата позиција. Поради грчеви во мускулот беше принуден да го прекине настапот и да не ги изведе преостанатите скокови, но и покрај тоа неговиот резултат остана недостижен за конкуренцијата.

Андреас Трајковски (Македонија) – 7.62 м

Мухамет Кнџели (Албанија) – 7.46 м

Андреас Мачалекидес (Кипар) – 7.33 м

Ова е уште еден значаен меѓународен успех за македонската атлетика и потврда за континуитетот на Трајковски, кој и оваа сезона продолжува со одлични настапи на меѓународната сцена.

Денес во Монако, на победничкиот подиум се развиори македонското знаме, а од звучниците се слушна македонската химна – момент кој секогаш предизвикува гордост и силни емоции кај секој што ја претставува Македонија.

 

 

 

ПретходноОдбојкарките повторно поразени од Косово
СледноГФК Тиквеш: За утрешниот меч има лимитиран број на билети за гледачите од Кавадарци