Денеска од 16:30 часот се играат двата бараж натпревари за пополнување на ПМФЛ. На Градскиот стадион во Кавадарци се среќаваат Пелистер и Шкендија Арачиново, а во Битола играат Брера и Скопје.
Победниците од овие два меча следната 2026/27 сезона ќе играарт во ПМФЛ, додека поразните ќе мораат во ВМФЛ.
Пелистер и Брера завршија како осми и деветти во првата лига, додека Скопје и Шкендија (А) завршија како втори и трети во втората лига.
Јасно е дека во Кавадарци тимот на Марјан Секуловски ќе биде во предност, и поради квалитетот, но и поради фактот дека речиси цел стадион, и битолчани и кавадарчани, ќе навива за Пелистер. Позната е “врската“ меѓу “Чкембари“ и “Лозари“. Сепак не смее никој предвреме да ја отпише Шкендија (А), која не крие дека сака историја.
Во Битола нема фаворити. Струмичани иако “прволигаши“ сепак играат против еден силен и искусен тим на Скопје. Амбициите на “пиратите“ беа директен пласман во елитата, но Брегалница покажа класа и затоа како шампион во ВМФЛ си го осигура пласманот во елитата за наредната сезона.
Кога сме кај наредната сезона во ПМФЛ, покрај Брегалница за следната сезона тука се и Вардар, Шкендија, Струга ТЛ, Силекс, Тиквеш, Башкими и Арсими. Се чека пополнување на уште две места. А кои ќе бидат ќе дознаеме денеска нешто после 18:30 часот.
БАРАЖИ ЗА ПМФЛ – ДЕНЕСКА 16:30 Ч
Кавадарци: Пелистер – Шкендија (А)
Битола: Брера – Скопје















