Македонската репрезентативка и член на ВК Енерџи, Дуња Иванова, оствари историски успех на третата рунда од HERO UCI Marathon World Cup, која викендов се одржа во Натурленд, Андора, обезбедувајќи директна квалификација за Светското првенство во планински велосипедизам Маратон (XCM), кое годинава ќе се одржи во Италија.
Иванова го освои 20. место во најсилната меѓународна конкуренција, што според правилата на UCI носи директен пласман на Светското првенство за најдобрите 20 натпреварувачки на секоја рунда од Светскиот куп.
Трката во Андора беше исклучително тешка и специфична. Натпреварувачите се соочија со надморска височина од над 2.000 метри, а патеката содржеше повеќе од 2.200 метри вкупна елевација. Покрај физиолошкиот предизвик што го носат условите на голема надморска височина, велосипедистите мораа да совладаат и бројни стрмни делници, брзи спустови и постојани технички предизвици долж целата патека.
Овој успех е особено значаен ако се има предвид дека станува збор за натпреварување од највисок светски ранг – HERO UCI Marathon World Cup, каде настапуваат најдобрите светски маратонски велосипедистки во елитна конкуренција. Освојувањето место меѓу најдобрите 20 во ваква конкуренција претставува исклучителен резултат и еден од најголемите успеси на македонскиот женски велосипедизам на меѓународната сцена.
Со освоените бодови во Андора, надополнети со претходните настапи на Светските купови во Коста Бланка (Шпанија) и Елба (Италија), Иванова во моментов се наоѓа на 15. место во генералниот пласман на HERO UCI Marathon World Cup.










