Македонската кикбокс репрезентација оствари извонреден настап на ВАКО Балканското првенство кое се одржа од 29 до 31 мај во Нови Сад, Србија, освојувајќи вкупно 66 медали – 13 златни, 25 сребрени и 28 бронзени одличја.
Македонија на шампионатот настапи со делегација од 108 лица, составена од 75 натпреварувачи, 27 тренери, 4 судии и 2 официјални лица, претставувајќи една од најбројните национални селекции на првенството.
Во силна конкуренција на најдобрите балкански кикбоксери, македонските репрезентативци покажаа висок квалитет, дисциплина и борбен дух, што резултираше со голем број освоени медали и пласмани на победничкиот пиедестал.
Дополнителна чест за македонскиот кикбокс претставува и фактот што претседателот на ВАКО Балканската федерација и претседател на Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија, Дејан Митровски – Урко, беше одликуван со Благодарница за вредната поддршка, учество и придонес во успешната организација на ВАКО Балканското првенство.
„Освоените 66 медали, шестте индивидуални признанија за најдобри натпреварувачи и признанијата што ги добија нашата федерација и репрезентација се доказ дека македонскиот кикбокс континуирано напредува и се наоѓа на вистинскиот пат. Горди сме на сите наши спортисти кои достоинствено ја претставија Македонија и покажаа дека припаѓаат во самиот врв на балканскиот кикбокс“, истакна Митровски.










