Битолско самоубиство, Пелистер пател и ќе пати од своите!

559
ФОТО:facebook.com/FC.PelisterBitola/

Да се тргнат партиите од клубот, а градот да најде сериозен бизнисмен и луѓе кои ќе го спасат клубот, користејќи ја формулата со ракометниот клуб Пелистер. Друг спас за клубот од Битола нема, со оглед на тоа што „зелените“, како и во минатото, така и сега, се натпреваруваат кој е полош и која управа потрошила повеќе пари од претходната.

Оваа сегашната управа е дно! Поднеле оставки, имале образ, се срамеле…!?

Малку е тоа од битолските фудбалски „крвопијци“ кои го доведоа клубот до дното, а притоа потрошија рекордни 1.000.000 евра! Или со зборови – еден милион евра!

Како не им е срам? Имаат ли лице, достоинство и одговорност за она што му го направија на градот и на навивачите? Па зошто градот доби модерен стадион (по заслуга на навивачите), рефлектори – буџет за екипата каков што никогаш немало!?

Тие „крвопијци“ кои го ставија сопствениот интерес пред интересот на градот, клубот и навивачите, сега се повлекуваат. Касно е, затоа што сега треба одговорност, отчет и санкции. Најлесно е да се поднесе оставка! А до вчера најбитна беше платата – платата на некој свој од фамилијата и комбинациите со играчи кои се „скаутираа“ по аматерските лиги на Србија.

Ја утнавте, многу ја утнавте уште на почетокот на сезоната – со тие смешни, а скапи засилувања, со тренерот со кој ја почнавте сезоната, а потоа и со директивата од штабот да донесете тренер како Милан Стојановски. Со него беше јасно дека колата оди по удолница и дека спас нема, иако Маријан Секуловски даде мала надеж, искра за спас. Но спас, ете, немало – па така Пелистер со срамна игра загуби на пенали од Шкендија Арачиново во „братското“ Кавадарци.

Некој ќе рече – среќата го сврте грбот, тие пусти пенали… Иако сите добро знаат дека фудбалот е спорт кој не трпи експерименти и дека неспособноста во работењето порано или подоцна излегува на површина. Историјата покажува дека битолскиот клуб третпат оди во понизок ранг, но сега за првпат – со пари, со многу пари потрошени за ништо. Не чинеа Пеце Коруновски, па Митко Стојковски и Тони Мицевски, за денес, на 1 јуни 2026 година, да гледаме фудбалска хаварија во Битола.

Битно – парите се потрошени, кафеаните полни и сметките до плафон. Имале план и знаеле како да направат европски Пелистер!? Лажните лица брзо се читаат, а резултатите се тие што се доказ за нивната неспособност, незнаење и алчност за сопствен интерес. И сега, наместо силен клуб со амбиции и европски погледи, од следната сезона дебито со Вардар го менувате со дерби со Новаци (без патни трошоци).

Како овие фудбалски „крвопијци“ утре ќе излезат низ градот – по Широк сокак, низ чаршијата, кафулињата? Како ќе ги погледнат во очи навивачите, битолските фудбалери, таленти, тренери, судии… кога уништија голем клуб и потрошија милионски цифри?

Зарем Пелистер заслужи да падне на самото дно!? Сега е доцна – возот замина кон Втората лига, а некој требаше многу порано да ја осети неспособноста на тие што во сезоната што заврши го менаџираа тимот и парите.

Да се најде брзо решение, затоа што и Втората лига догодина ќе биде пресилна и тешка. Таму има многу големи клубови од минатото и секоја нова грешка може да биде причина Пелистер со години да чека враќање во елитата.

Тоа е срам за сите – и за градот, и за клубот, и за навивачите!

ПретходноИсторијат: Имаме само една победа со Турција, се паметат тие 3:3 во Бурса! (ВИДЕО)
СледноШкендија (А): Столевски е наша ИКОНА!(ФОТО+ВИДЕО)