Повелете – покажете се: Конечно се става крај импровизациите во кошарката!

268

Марија Ковачева

Во македонската кошарка тешко е да се најде вистинската формула за подигнување на нивото во сите сегменти. Долго време овој спорт е на маргините, и на клупски и на репрезентативен план.

Оние добри времиња, кога постоеше вистинска еуфорија и самиот спорт беше привлечен, се далечно минато.

Во последно време се дојде до точка во која секој може да создаде клуб, секој може да се натпреварува во највисок ранг, па дури и секој може да биде тренер, притоа заобиколувајќи ги основните правила и принципи.

Основата е загубена – од организациско до професионално ниво. Повеќе се мисли на сопствените бенефити, а помалку на создавање здрава и стабилна иднина и подобро утре за овој спорт.

Сепак, полека но сигурно, почнуваат да се градат темели и да се поставуваат правила преку кои клубовите и сите чинители во кошарката ќе почнат да го оправдуваат епитетот – професионални.

На последната седница на Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија беа усвоени, би рекле, револуционерни правила. Ако сакаме квалитет и ако сакаме да изгледаме сериозно, ќе мора да се спроведува сето она што го прават останатите држави, а кое во Македонија често наидуваше на отпор.

На прво место е бројот на странските играчи. Сведоци сме на различен калибар на странски кошаркари и кошаркарки во Македонија. Има квалитетни играчи, но и многу такви кои не се на нивото на домашните, а притоа имаат предност кај тренерите.

Сега тоа се менува. Една од главните точки се токму странците:

– во М-ТЕЛ Супер лигата, бројот на странски играчи се намалува од 4 на 3
– во Првата женска лига, бројот на странски играчи се намалува од 3 на 2
– во Македонската прва лига (мажи) останува во сила решението од минатата сезона, односно право на настап има 1 странски играч во ростерот

Што добива кошарката со ова?

-Предност за македонските играчи, но и можност за ангажман на поквалитетни странци покрај кои ќе расте нашата младина, како и поискусните кошаркари.

Што се однесува до Првата лига жени, во сезоната што изминува видовме дека правилото со три странски кошаркарки не го испочитува фер-плејот.

Клубовите ќе треба да обезбедат и документираат минимален буџет за играчки договори:
– за клубовите во М-ТЕЛ Супер лигата – минимум 100.000 евра
– за клубовите во Првата женска лига – минимум 15.000 евра

Овој дел значи сериозност од страна на тие што сакаат да се натпреваруваат во највисок ранг. Ќе мора да приложат договори, да имаат клупски лекар, сала што ги исполнува сите услови за прволигашки натпревари, обезбеден стрим и сите останати компоненти наведени во правилникот на федерацијата.

Со оглед на тоа што клубовите добија олеснување во делот на исплата на долговите, време е да се покаже поголема сериозност и почит кон кошарката.

Повелете – покажете се….

ПретходноШкендија (А): Столевски е наша ИКОНА!(ФОТО+ВИДЕО)
СледноПариз на нозе: Вака се славеше втората титула на ПСЖ во ЛШ!(ФОТО+ВИДЕО)