Турција и со „пола“ сила и одржа лекција на Македонија (ВИДЕО)

710

И да се надеваше некој дека македонската фудбалска репрезентација има капацитет и сила да и се спротивстави на една силна, моќна и очигледно подготвена Турција за настап на Мундијал, очигледно погрешил во проценката.

Затоа што она што вечерва, Македонија го одигра, односно не го одигра во Истанбул пред преполниот стадион на Фенербахче и поразот од 4:0, е пандан на нашите најлоши изданија од минатото на кои реално и не сакаме да се сеќаваме. Но, избраниците на селекторот Гоце Седлоски ни дадоа нов момент, свежа меморија за тоа како не треба, и опомена ова повеќе да не се случува. Да Турција е на пат за САД, и Мундијалот и е сериозна фудбалска велесила, но Македонија од септември оди во погорен шешир каде што нема повеќе „боранија“ репрезентации, туку сериозни екипи спремни да држат лекции… ако тоа им се дозволи.

Негатива од „соблекувална“…

Домаќинот на овој меч се виде дека е екстра мотивиран. И со втор тим на терен уште во 13 секунда се закани со гредата на Кокчу, кој што пак само педесетина секунди подоцна се „поправи“ и на супер асистенцијата на Ајдин, реализираше за водство.

Само десетина минути подоцна, односно во 16. минута Македонија се најде во двојна негатива. Грепката на Велковски создаде екстра брза контра на домашните која што го стави во позиција Узун на линијата од шеснаесетникот да шутира и со помош на десниот дирек да создаде веќе 2:0.

Шансите се редеа, Македонија едвај издржа со само два гола до полувреме во мрежата.

 

„Иста песна“ и во продолжение

Ако пак во првиот дел и нешто во противничката половина се обидувавме, како зицерот на Алиоски создаден од Миовски, кој што пак, Џани необјасниво реши да го завршува со десна, а не со својата посилна лева нога, во вториот дел Македонија жаргонски кажано не помина половина од теренот.

Напротив, Турција моќна, силна во навалните редови, понесена и од полните трибини постигна уште два гола. Ѓул одлично реагира со глава на асистенција на Узун во 53. минута, за да во 70. Јилмаз користи идеална позиција и „забива“ за четврти гол во мрежата на Македонија.

 

 

Турција – Македонија 4:0

Стадион на Фенербахче

Гледачи: 47.430

Стрелци: Кокчу 1’, Узун 16’, Ѓул 53’, Јилмас 70 (Т)

Турција: Бајиндир, Мулдур, Кабак, Сојунџу, Елмали, Озџан, Кокчу, Акгун, Узун, Ајдин, Ѓул

Македонија: Димитриевски (Талески 66), Деспотовски (Муслиу 46), Зајков (Серафимов 46), Велковски (Чурлинов 46), Фетаи (Манев 46)), Алиоски (Аломеровиќ 66), Елези (Додев 66), Атанасов (Емини 46), Миовски (Ристовски 46), Омерагиќ (Николов 66), Елмас (Растодер 74)

ПретходноХрватска го објави списокот: Далиќ ги потврди 26-те патници за СП
СледноОфицијално објавени промените што ќе стапат на сила веќе на СП 2026!