Македонија е во катастрофална серија: Осум мечеви без победа, со Седлоски немаме ни гол!

328
ФОТО: FFM.MK

Пишува: Зоран Ѓоршоски

И дефинитивно А-репрезентацијата на Македонија влезе во катастрофална серија. Осум меча сме без победа, а ужасот е поголем ако се знае дека на последните четири средби сме и без постигнат гол. А се знае дека од тие четири дури три беа пријателски.

Секако дека сега е многу лесно по оние вчерашни 0:4 во Истанбул, да се правиш паметен и да кажуваш “гачки“, што треба и како треба.

Но, има едно, но…

Имено ова е селекција на Македонија, и секако треба да се има свое мислење зошто работите не одат како што треба. И секој оној кој веќе подолго време е во мак – фудбалот треба да има свој став.

Секако дека на селекторот Гоце Седлоски му е најтешко. Фотографиите од вчерашниот прес по мечот со Турција најдобро отскликуваат во какво расположение беше, дури немаше смелост да ги погледне новинарите. Тоа не смее да го прави.

И не смее да остане само на тоа дека одговорноста е негова. Тоа е излитена фраза. Ако навистина ја презема одговорноста се знае што следува, што е следниот потег.

Македонија од септември ја чека настап во Б Лигата на Нации. Играме со сериозни репрезентации, имаме сериозни ривали. Ова треба да биде само “спремање“ за тие натпревари.

На тоа Седлоски може да се “вади“. И ќе дојде септември, само стравувам да не биде повторно дека ја презема одговорноста, а што има тоа јавноста од тоа, што имаме сите ние во мак – фудбалот од тоа.

Секако дека е рано, по само четири меча да се дава генерална оценка за неговата работа, ама стартот му е лош. Убаво ќе биде да не сме во право, но се чини дека Седлоски нема идеја што треба да прави. Посебно за играчите, за тактиката, за тоа што Македонија очекува од него. Нема игра, се пробуваат разни формации, ама никако да се погоди онаа вистинската.

Македонија во изминатите 5-6 години се издигна фудбалски на репрезентативен план. Летвичката беше подигната повисоко, но сега и дефинитивно паѓаме, и тоа како паѓаме.

До лани се фалевме со добри резултати, се серии во кои немаме пораз на десет натпревари. А сега, сега што правиме?

Седлоски е искусен тренер, веројатно знае што треба, ама не смее да си дозволи во репрезентацијата да му играат играчи кои до вчера сонуваа да ја гледаат репрезентацијата на Македонија, а не пак да играат за неа.

Има многу работи да се кажат, еден цел роман да се напише, фудбалот ни е таков каков што е, но треба Седло да знае да го одбере најдоброто, да, најдоброто, а не …

И не треба да се оди по паметот на тие што коментираат на социјалните мрежи, сега ги има повеќе тие што го критикуваат, а тие што го фалат утре ќе удрат по него.

Треба да се замисли, да размисли што прави и да тера, ама по свој памет.

Само така…

ПретходноМонако му врачи отказ на Покоњоли
СледноУЕФА разгледува можно исфрлување на Олимпик Марсеј од европските купови