Чешкиот тенисер Јакуб Меншик се пласираше во своето прво полуфинале на Гренд слем турнир во кариерата, откако го победи Бразилецот Жоао Фонсека со 3-0, во сетови 6-4, 6-3, 7-6 (7-3) на Ролан Гарос.
Дваесетгодишниот Чех го постигна најголемиот успех во својата кариера досега по два часа и 33 минути игра на централниот терен на „Филип Шатрие“.
Во натпревар кој многумина го најавуваа како иднина на машкиот тенис, Меншик, благодарение на подобар сервис и поагресивна игра од основната линија, успеа да ги неутрализира нападите на својот една година помлад ривал и да обезбеди место меѓу првите четири на турнирот.
Овој дуел беше најмладиот четвртфинален натпревар на Ролан Гарос од 2006 година, кога се сретнаа дваесетгодишниот Рафаел Надал и деветнаесетгодишниот Новак Ѓоковиќ.
Со оваа победа, Меншик стана најмладиот чешки тенисер кој стигнал до полуфиналето на еден Гренд слем во Опен ерата, надминувајќи го рекордот што го држеше легендарниот Иван Лендл. Во борбата за своето прво финале, Меншик ќе се сретне со вториот носител, Германецот Александар Зверев.










