ФФМ се истури врз Шкендија – исфрлена од Купот на Македонија и 105.000 евра казна!

317

На денешната седница на Дисциплинската комисија при Фудбалската Федерација на Македонија е одлучено, ФК Шкендија, учесникот на финалниот меч од последното издание на Купот на Македонија, да биде исклучен од ова натпреварување за следната 2026/27 сезона, поради одбивање да ги прими медалите за поразен по завршувањето на мечот.

Ова е сериозен преседан кој што ФК Шкендија се одлучи да го направи на финалето од Купот, и за тоа сега очигледно сноси последици.

Покрај оваа санкција, „Дисциплинецот“ изрече уште неколку парични глоби, како за ФК Шкендија, така и за ФК Силекс, вториот финалист на Купот на Македонија од овогодинешното издание, и воедно освојувачот на трофејот.

Одлуките од денешната седница на Дисциплинската комисија ви ги пренесуваме во целост:

Дисциплинската комисија при ФФМ донесе одлука со која ФК Силекс се казнува со парична казна во висина од 5.000 евра поради користење на пиротехнички средства на финалниот натпревар од Купот на Македонија помеѓу ФК Силекс и ФК Шкендија.

Дисциплинската комисија при ФФМ донесе одлука со која ФК Шкендија се казнува со парична казна во висина од 15.000 евра поради користење на пиротехнички средства на финалниот натпревар од Купот на Македонија помеѓу ФК Силекс и ФК Шкендија. Дополнително, ФК Шкендија се казнува со 10.000 евра поради националистички скандирања и слогани со навредлива содржина на национална основа, како и со 20.000 евра поради истакнување транспарент со нацистичка содржина, за што веќе беа казнети од УЕФА.

Клубот ФК Шкендија е казнет со 30.000 евра и исклучување од натпреварувањето во Купот на Македонија за сезоната 2026/27 поради одбивање да ги прими медалите на свечената церемонија, како и поради деградирачки и непочитувачки однос кон официјалните лица и противничката екипа.

Покрај тоа, на ФК Шкендија му е изречена казна од 30.000 евра и забрана за присуство на публика на следните четири домашни натпревари поради непочитување на националната химна, односно исвиркување и дискриминаторски однос за време на финалниот натпревар од Купот на Македонија.

Дисциплинската комисија при ФФМ донесе одлука со која ФК Вардар се казнува со парична казна во висина од 15.000 евра поради навредливо скандирање од страна на навивачите и несоодветна прослава на титулата од страна на фудбалерите.

Воедно, Дисциплинската комисија поведе постапка против ФК Вардар поради користење на пиротехнички средства на натпреварот од 33. коло помеѓу Вардар и Шкендија.

 

Претходно„Ден на спортот“ во Прилеп: „Пеперутки“ се првите победници во „Zero Waste“ (ФОТОГАЛЕРИЈА)
Следно„АДАСТРА“ МЛАДИНСКИ ЛИГИ: Финалниот турнир во М18 лигата-жени ќе се игра во Кавадарци