Кошаркарите на Њујорк Никс славеа над Сан Антонио Спарс со 105:95 (19:27, 29:28, 28:21, 29:19) во првиот натпревар од финалето на НБАлигата. Тие направија „брејк“ во Тексас и го добија својот 12-ти натпревар по ред во овогодинешниот плејоф. Никси немаат пораз од втората средба со Атланта Хокс во првото коло на плејофот на Истокот.
Њујорк со тоа испиша историја станувајќи првиот тим што го победи Сан Антонио во првиот натпревар од финалната серија. Спарси имаа скор од 6-0 во првото коло и никогаш не тргнале со пораз во финалето на НБА.
Гостите до победата ги предводеше Џејлен Брансон со 30 поени и три скока, иако погоди само две тројки од девет обиди. Целиот тим на Њујорк имаше скромна стапка на успешност од 30 проценти од далечина (11/36), но Спарси беа уште понепрецизни – погодија ист број тројки на значително поголем примерок од 43 шута.
Карл-Ентони Таунс имаше дабл-дабл со 18 поени и 12 скока, додека Ануноби постигна еден поен помалку. Ландри Шемет исто така имаше двоцифрен број на постигнати поени со 13 поени (3/6 од три). Виктор Вембањама го предводеше тимот на Спарс со 26 поени и 12 скока, но Французинот мораше да заработи речиси половина од своите поени од линијата за слободни фрлања. Стефон Касл постигна 17 поени.
Вториот натпревар од финалето е закажан за сабота, а домаќин повторно ќе биде Сан Антонио.










