Катерина Ацевска: Не постои машки и женски спорт, секој треба да биде таму каде што се пронаоѓа

31

Огнен Дојчиновски

Таканаречените „мали“ спортови во последно време сè повеќе добиваат на значење во македонскиот спортски простор. Не само што се присутни, туку, напротив, носат успеси од најразличен карактер, вредни за одбележување.

Актерите неретко се млади, талентирани момчиња и девојчиња кои ни ја враќаат надежта дека Македонија има сериозен спортски потенцијал на кој мора да му се обрне внимание.

Еден таков пример е младата и екстра талентирана џиу-џицу натпреварувачка Катерина Ацевска, која бележи одлични резултати и на себеси својствен начин се пробива низ скалилата на овој, за нас, не така познат спорт.

Токму затоа, денес „Женски спортски приказни“ го носат работниот наслов – која е и што претставува во џиу-џицу спортот Катерина Ацевска, нашата перспективна репрезентативка. Таа официјално се искачи на првото место на светската ранг-листа во сениорска конкуренција, во категоријата над 70 килограми.

„Јас сум една обична и едноставна девојка, пред се коректна во секоја смисла на зборот, вљубена во спортот, а особено во боречките вештини. Студентка сум, трета година на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Исто така сум тренер во мојот сопствен клуб “Клуб за Џиу Џицу КАТАНА” и ангажиран тренер во “Клуб за Џиу Џицу АНГЕЛИ”. Во главно професијата ми е Џиу Џицу-то“, го стартува разговорот Катерина Ацевска.

🥋Од каде љубовта за овој спорт, што секако не може да се окарактеризира како женски, или пак може?

„Баш напротив не постои машки или женски спорт, секој треба да биде таму каде што најмногу се пронаоѓа. Во овој спорт сум влезена најпрво за своја лична заштита и самооодбрана, потоа се роди желбата и кон спортскиот дел од Џиу Џицу-то“.

🥋Кога почна да тренираш, кој беше пресуден фактор за ти да се определиш за него?

„Мојот татко е долгогодишен тренер по џиу-џицу и основоположник на Македонската џиу-џицу федерација. До 2009 година џиу-џицуто воопшто не постоеше во Македонија, сè додека истата година тој не ја формираше федерацијата заедно со неколку тренери – негови долгогодишни ученици. Потекнувам од спортска фамилија, па со самото тоа ми е вродена и љубовта токму кон овој спорт.“

🥋Дали си тренирала можеби нешто друго?

„Низ моето детство сум пробала повеќе различни спортови, како карате, ракомет, фрлање копје и ѓуле, одбојка, пливање… Меѓутоа, тие за мене беа минливи спортови, што се вели. Сè уште активно тренирам џудо, каде што сум државен првак во сениорска конкуренција за 2025 година. Исто така, со сениорската репрезентација го освоивме третото место на Балканското екипно првенство во Косово во 2023 година.

Во фудбалот се пронаоѓав долги години. Четири години бев голманка во ЖФК Борец од Велес, а последните три години сум на голот на ЖФК Речица од Куманово. За двете екипи бранев во првата женска фудбалска лига.“

🥋Дали медалот во Романија е најголем твој успех?

„Најголем мој успех дефинитивно е третото место на Светското првенство во Бангкок, Тајланд во 2025 година. Освоив и второ место на Европското првенство во Питешти, Романија во 2023 година. Двократен сум балкански шампион – во Питешти 2024 и Атина 2025 година, како и освојувач на прво место на Гранд При во Џенова 2026. Двапати го освоив и третото место на најсилниот Гранд При турнир во светот – Париз Опен, во 2025 и 2026 година.

Овие резултати се само од последните две години, поточно откако станав сениор. Тука не ги споменувам моите кадетски и јуниорски достигнувања, бидејќи ги има премногу. Сепак, вреди да се напомене дека мојот прв значаен медал беше освоен во Романија, на Светскиот куп во 2019 година, каде што со четири победи стигнав до првото место. Од таму започна и мојот подем во овој спорт.

Благодарение на сите овие резултати, 15-годишна работа, многу тренинзи, откажувања и огромна посветеност, веќе седум дена сум прва на СВЕТСКАТА РАНГ-ЛИСТА.“

ина Ацевска, каде е дострелот твој во овој спорт?

„Прва цел ми е освојување златен медал на Светско првенство, како и евентуално освојување медал на Светските игри. Досега Македонија во ниту еден спорт нема освоено медал на Светските игри и се надевам дека јас ќе бидам првиот спортист што ќе го направи тоа.

Секако, најважно е што е најавено дека во 2032 година во Австралија џиу-џицуто ќе биде дел од Олимписките игри, па зошто да не и учество на истите.“

🥋Што би и порачала на младата генерација која што сака да започне да се бави со овој спорт?

„Овој спорт бара многу трпение и многу тренинг. Резултатите не доаѓаат веднаш, тие доаѓаат тивко. Би препорачала многу дисциплина, затоа што кога нема мотивација – настапува дисциплината. Може да имаме талент, но без труд талентот не вреди ништо.“


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноГого Славески убедливо славеше против Тељо за осма победа во БКФЦ (ВИДЕО)
СледноСЕКОЈ ДЕН НОВ МИЛИОНЕР! НОВА КАМПАЊА НА ВИДЕОЛОТАРИЈА ЗА ВРЕМЕ НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ФУДБАЛ