Пораз на стартот: Бевме блиску до сет, но Холандија ја покажа својата класа

55
фото: CEV.eu

Македонската одбојкарска репрезентација по три скоро израмнети сета со пораз против фаворитот Холандија го започна првиот турнир од годинешната Европска Лига 2026. Иако бевме блиску барем до еден сет, сепак, моќната репрезентација на „лалињата“ одигра квалитетно во дуелот во спортската сала „Парк“ во Струмица и на крајот успеа да ја исполни целта. Ослабениот состав на Македонија поради повредата на Љафтов, одговори сосема солидно во трите сета против големиот фаворит, но не успеа да одговори на моќниот сервис и одличниот блок на противникот, кој особено се чувствуваше во првите два сета.

МАКЕДОНИЈА – ХОЛАНДИЈА  0:3  (19:25, 21:25, 22:25)

На стартот успевавме да останеме во егал со противникот во првата третина од првите два сета, но некаде до средината на секој сет, „лалињата“ успеваа да направат разлика од 3-4 поени, која потоа се чинеше и превисока за да можеме да одговориме. Минималните грешки во нашата игра, противникот успеваше да ги казни, но во завршницата на сетовите успевавме да фатиме серија поени и да дојдеме до прифатлива негатива.

Во третиот сет Холандија почна убедливо, но повторно со серија поени успеавме да се одржиме во егал. Миленкоски им даде шанса да почнат и младиот Ефремов и искусниот Милев, кои се обидуваа да ја стабилизираат нашата игра, особено во одбрана. Сепак, грешките во нашата игра им дадоа сериозен „фор“ на противниците и некаде пред средината на сетот разликата која ја направи противникот веќе беше шест поени (16:10). Нашите момци не се предадоа, успеаја да се приближат на само два поени (19:17), по што Холандија успеа да го направи завршниот притисок. Сепак, во финишот видовме доста возбуда, добивме неколку поени по успешен „челинџ“, но гостите на крајот дојдоа до конечни 25:22 и победа во Струмица.

Никола Ѓоргиев заврши како најдобар реализатор во нашиот национален тим со 11 поени, осум поени имаше Илиев, додека по 6 поени реализираа Костиќ и Савовски. Кај Холандија, денеска незадржливо одигра Меијс кој реализираше 20 поени.

Утре во Струмица, Холандија во второто коло на турнирот ќе игра со Луксембург, па в недела следува мечот меѓу Македонија и Луксембург во рамките на третото коло.

ПретходноЈамал е играч на сезоната во Ла Лига: Вистинска главоболка за противниците
СледноВо Битола „махери“ за народна се „Галактикоси“ и „Дамевци“