Македонија вечерва е домаќин на првиот турнир од одбојкарската Европска Лига во салата „Парк“ во Струмица. Наш прв ривал е селекцијата на Холандија, а во пресрет на премиерниот дуел, капитенот на нашиот национален тим, Никола Ѓоргиев објективен во очекувањата.
„Започнува уште една Европска лига, најубавото и она за што работевме целиот овој период. морам да ги пофалам феноменалните подготовки, иако не бев во Крушево, реакциите од сите беа дека таму е поставена базата и дека се одработени седум феноменални денови. Кога се приклучија дел од интернационалците во Скопје одлично се вклопивме сите и имавме квалитетен тренажен процес. Секој од нас сериозно ја сфати својата задача и тоа е повеќе од јасно“, коментира капитенот Никола Ѓоргиев и продолжува: „Првиот противник Холандија ја анализираме веќе, врвен квалитет лани играа во Светската Лига на нации, но доаѓа со малку изменет состав и она што е специфично за нив е дека се многу висока репрезентација, која има добар блок и добар сервис. Се надевам дека ќе бидеме паметни и трпеливи, затоа што нивниот висок блок значи дека ќе треба да играме од блокот, да имаме добра заштита и нема секој напад да го завршуваме веднаш, туку да бидеме трпеливи. Така ќе успееме да им го пробиеме блок-системот и да реализираме полесно. Луксембург на ранг-листата е послаба селекција од нас и уште не сме ја реализирале бидејќи комплетниот фокус ни е кон Холандија. Имаме два дена за Луксембург, ќе имаме можност да го гледаме и нивниот дуел со Холанѓаните.“
Најважното е дека и атмосферата и мотивацијата се на високо ниво.
„Атмосферата во екипата е одлична, сите тренираме максимално и го даваме најдоброто од нас. Искрено многу ми е жал за пехот со Љафтов и што нема да може да сметаме на него, но ветувам дека ќе играме и за него и за сите нас. Ја повикувам публиката да дојде во салата ‘Парк’ во Струмица и да не поддржи на овие два натпревари, да биде наш седми играч, а ние ветуваме дека ќе дадеме и 200 посто од нашите можности и да се радуваме заедно“, заклучува Ѓоргиев.
Вратите во салата „Парк“ ќе бидат отворени во 18 часот, а билет чини 100 денари.










