Практични демонстрации и нови знаења на вториот ден од Европската минибаскет конвенција во Скопје (ФОТО)

28

Вториот ден од Европската минибаскет конвенција, која се одржува во Скопје, беше во знакот на практичната работа и едукацијата, под водство на реномирани меѓународни експерти од областа на развојот на младинската кошарка.

Учесниците имаа можност да стекнат нови знаења, методи и алатки за поефикасно воведување на кошарката кај најмладите категории, како и за промовирање на здрави животни навики, спортски вредности и правилен развој на децата преку спортот.

Практичниот дел од програмата се реализираше во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје, каде предавачите ги споделија своите искуства и современи пристапи во работата со млади кошаркари и кошаркарки.

Маурицио Кремонини одржа предавање и практични вежби на тема „Тренинг за деца на возраст од 5 до 7 години – почетно ниво“, додека Милена Мусова ги запозна присутните тренери со методологијата за работа со деца на возраст од 8 до 9 години, односно средно ниво на развој.

Во попладневната сесија, Мусова презентираше и практични насоки за учење на групна тактика во нападот, а Мариус Хут реализираше тренинг-сесија наменета за деца од 10 до 12 години, односно напредно ниво.

Европската минибаскет конвенција претставува уште една потврда за посветеноста на македонската кошарка кон развојот на младите категории, но и значајно признание од ФИБА за континуираните напори кои се вложуваат во создавање квалитетна основа за идните генерации кошаркари и кошаркарки.

На фестивалските активности учествуваат повеќе од 300 деца и околу 90 тренери од повеќе европски земји, кои преку игра, дружење и спортски активности ја слават љубовта кон кошарката и вредностите што ги носи спортот.

ПретходноЅвзеда на Никс со забелешка за новинар: Арсенал загуби во финале, зошто го носиш тоа ѓубре?
СледноФИФА објави радикална промена на химните пред мечевите од Светското првенство